Şenhan Bolelli
29 Ноември 2017•Ажурирај: 30 Ноември 2017
МАДРИД (АА) - Шпанското обвинителство до надлежниот суд поднесе тужба против хрватскиот репрезентативец и фудбалер на Реал Мадрид, Лука Модриќ, со којашто се товари за затајување данок, јавува Anadolu Agency (AA).
Локалните медиуми објавија дека обвинителството во тужбата наведува оти Модриќ затајувал данок преку компанија основана во Луксембург, а затајувањето се однесува на данок за заработка остварена врз основа на личен имиџ.
Модриќ, наводно, во 2013 година избегнал да плати данок во износ од 290.990 евра, а во 2014 година 572.738 евра.
Шпанските медиуми тврдат дека случајот со Модриќ личи на случаите на Кристијано Роналдо, Радамел Фалкао, Фабио Коентрао и Жозе Мурињо, кои исто така затајувале данок преку повеќе компании основани во рамките на Европската Унија.
Уште еден фудбалер на Реал Мадрид е обвинет за затајување данок, а станува збор за Бразилецот Марсел, кој се изјасни за виновен пред судот и се согласи да го плати долгот.