Asiye Latife Yılmaz
17 Април 2026•Ажурирај: 17 Април 2026
Петтото издание на Дипломатскиот форум во Анталија започна денес, на кој присуствуваат светски лидери и високи претставници со цел да се најде решение за растечката глобална неизвесност, јавува Анадолу.
Под покровителство на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, а во организација на турското Министерство за надворешни работи, тридневниот форум се одржува во јужниот медитерански град Анталија со тема „Проектирање на иднината, управување со неизвесностите“.
На форумот присуствуваат претставници на повеќе од 150 земји, вклучително и над 20 шефови на држави и влади и 15 потпретседатели, а присуствуваат и 50 министри, од кои над 40 се министри за надворешни работи, заедно со претставници на 75 меѓународни организации.
Се очекува да присуствуваат повеќе од 460 учесници од високо ниво и речиси 5.000 посетители, вклучително и лица од академската заедница и студенти.
Речиси половина од присутните шефови на држави се од Африка и Европа , а се очекува министрите за надворешни работи да дојдат главно од Африка (околу 40%), Европа (35%) и Азија (22%).
Форумот опфаќа повеќе од 40 панели и настани, вклучително и дискусии на лидерско ниво со цел решавање на политичките, економските, еколошките и технолошките предизвици, со посебен фокус на еволуцијата на глобалниот пејзаж.
Сесиите се пренесуваат во живо на официјалната веб-страница на форумот и на платформите на социјалните мрежи, а неколку од нив ги емитува и турскиот јавен сервис ТРТ.
Се очекува турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан да учествува на неколку состаноци на маргините на форумот, вклучително и Третиот министерски состанок на Балканската платформа за мир, сесија посветена на Газа, неформален состанок на министрите за надворешни работи на Организацијата на туркиски држави, како и четирилатерален состанок Турција - Пакистан - Саудиска Арабија - Египет.
Од земјите во регионот присуствуваат претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски; поранешната претседателка на Косово, Вјоса Османи и министерот за надворешни работи Глаук Коњуфца, како и министерот за надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа.
Од Србија присуствуваат премиерот Ѓуро Мацут и министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ; од Хрватска поранешната претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ, а од Босна и Херцеговина претседавачот со Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, високиот претставник Кристијан Шмит, министерот за надворешни работи Елмедин Конаковиќ, како и членовите на Претседателството, Жељка Цвијановиќ и Жељко Комшиќ.