Ekipa
05 Март 2017•Ажурирај: 06 Март 2017
КОЏАЕЛИ (АА) - Министерот за одбрана на Турција, Фикри Ишик изјави дека светот почнал да ја забележува соработката на терористичката организација ДЕАШ со ПЈД и со сирискиот режим во сирискиот град Мунбич, јавува Anadolu Agency (AA).
Ишик во своето обраќање во турскиот град Коџаели изјави дека позицијата на Турција има одредени предности и недостатоци.
Тој додаде дека е потребен посебен труд од сите за силна Турција да опстане на подрачјето кое се соочува со многу проблеми.
Тој укажа на одлучната и успешна борба на земјата против тероризмот кој и понатаму трае.
„Моментално минуваме низ период кога се нанесени најтешките удари на терористичката организација ПКК во 35-годишната борба против тероризмот. Од 23. јули 2015 година до денес се неутрализирани над 9.600 терористи на ПКК. Тоа е најтежок удар врз терористичката организација”, додаде Ишик.
Тој се осврна и на офанзивата „Штитот на Еуфрат” покрената минатата година во северниот дел на Сирија.
„Сега вложуваме напори за формирање безбедносни зони за браќата од Сирија кои ги угостивме, да се вратат во своите домови. Сакаме нашите гости да можат да се вратат во татковината и да живеат во мир. Додека од една страна водиме борба против ДЕАШ, од друга страна продолжуваме да работиме на тоа да им обезбедиме помош на овие луѓе” , изјави Ишик.
Тој најави и продолжување на борбата сè додека терористичката организација ДЕАШ не биде во потполност отстранета.
„Во Мунбич излезе на виделина она што од почеток го зборувавме. Целиот свет почна да го забележува начинот на кој ДЕАШ во Мунбич соработува со ПЈД и со режимот.
Покрај тоа, тој потсети на борбата против терористичката организација ФЕТО, чии припадници на 15 јули минатата година изведоа обид за државен удар во Турција.
„Турција мора да биде силна за истовремено да може да се бори против сите опасности. Мора да се елиминираат пропустите во системот и остро да се бори против моменталните опасности, но и против ризиците до кои може да дојде” , смета Ишик.