Mücahithan Avcıoğlu
17 Септември 2026•Ажурирано: 17 Септември 2026
„Туркиш ерлајнс“ и „Ер Чајна“ го проширија постојниот договор за код-шер, со што на патниците им се овозможуваат поголеми можности за поврзување преку нивните главни транзитни центри, соопшти денес турскиот национален авиопревозник, јавува Анадолу.
Договорот беше потпишан за време на свеченото отворање на четвртата конференција и изложба на Кинеската асоцијација за воздушен транспорт во Пекинг, се наведува во соопштението на „Туркиш ерлајнс“.
Двата авиопревозника, кои се членки на „Стар алајанс“, ја започнаа соработката со код-шер во јуни 2024 година, првично опфаќајќи ги летовите меѓу Истанбул и Пекинг.
Со проширувањето на договорот соработката ќе ги опфати сите директни летови меѓу Турција и Кина, како и избрани домашни летови од Пекинг и меѓународни линии што продолжуваат од Истанбул.
Патниците на „Туркиш ерлајнс“ преку Пекинг ќе може да патуваат до шест дополнителни дестинации во континентална Кина: Шенжен, Чунгкинг, Сјамен, Хангжу, Нанџинг и Кингдао.
Патниците на „Ер Чајна“, пак, преку Истанбул ќе добијат пристап до Анкара, како и до избрани дестинации во Африка и Латинска Америка.
Дестинации во Африка се Акра, Лагос, Маракеш, Дар ес Салам, Алжир и Тунис, а во Латинска Америка се опфатени Канкун и Мексико Сити.
Проширената соработка ќе овозможи поврзаните летови со кои оперираат двата авиопревозника да се нудат со еден авионски билет, обезбедувајќи им на патниците повеќе можности за патување меѓу Кина, Турција и други дестинации.
Двата авиопревозника соопштија дека цел е да се зајакнат поврзаноста и можностите за трансфер преку нивните централни аеродроми во Пекинг и Истанбул.
„Туркиш ерлајнс“ и „Ер Чајна“, исто така, планираат во наредниот период во договорот за код-шер да ги вклучат сите нови директни линии што ќе бидат воспоставени меѓу Турција и Кина.