Nilay Kar
15 Февруари 2016•Ажурирај: 16 Февруари 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот туристички сектор воведува новитет во туристичката понуда, возење со подморница низ Средоземното Море, во текот на кое туристите ќе имаат можност да уживаат во несекојдневното искуство и поблиску да се запознаат со животот во длабочините на морето, јавува Anadolu Agency (AA).
Компаниите "IHS Travel" и "Turistly" најавија дека наскоро во туристичката понуда ќе се вброи и патувањето со подморницата „Немо“ која ќе ги вози туристите низ Средоземното Море на длабочина од 40 метри.
Станува збор за подморница од финско производство која за туристички намени е адаптирана во Шпанија, а нејзиниот капацитет изнесува 48 патници.
Челникот на турската компанија Јунус Емре Јавузјигит, за АА рече дека првите туристички тури би требало да запловат во април оваа година, од крајбрежниот град Аланија (Анталија).
„Намерата ни беше да воведеме новитет во туристичкиот сектор и дојдовме до идеја туристите да ги возиме со подморница. Уверени сме дека тоа ќе допринесе до развојот на секторот”, рече Јавузјигит.
Истакнувајќи дека 90-минутното возење со подморница ќе биде атракција за домашните и странските туристи, Јавузјигит рече дека понудата ќе биде активна во текот на 11 месеци од годината, а целта на компанијата е да купи нови подморници, и до следната година таква понуда да има и за Егејското и Црното Море.
Капетанот на подморницата „Немо“, Ерхан Гурџан, истакна дека со нетрпение го чека првото пуштање в море и возење на туристите низ морските длабочини.
„Почестен сум што сум дел од овој проект. Како пензиониран капетан на морнарица и сам ќе имам сосема ново искуство”, рече Гурџан.