Sinan Balcıkoca
26 Јуни 2019•Ажурирај: 27 Јуни 2019
БУРСА (АА) - СИНАН БАЛЏИКОЏА -
Дрвената џамија позната како „џамија без шајки“, изградена со техниката „перце и жлеб“, без да се употребуваат шајки, во 1884 година во подрачјето на Изник во турскиот град Бурса, сѐ уште му пркоси на времето, пишува Anadolu Agency (AA).
„Џамијата без шајки“, која се наоѓа во населбата Елмали, на 30 километри од подрачјето на Изник, чиј поголем дел од населението се состои од лица кои дошле од Батуми за време на османлиско-руската војна, ги воодушевува своите посетители.
Поголемиот дел од оваа џамија е изградена од даб, додека во некои делови е користена смрека и стакло. Изградена е на површина од 150 метри квадратни.
Заменик-муфтијата на Изник, Хасан Акчај, во изјава за АА истакна дека градбите од дрво се значајни во културата на Анадолија.

Акчај информираше дека во изградбата на џамијата не биле користени шајки, туку џамијата била изградена со техниката „перце и жлеб“, и дека оваа џамија која била изградена во 1884 година, била реставрирана во 2014 година.
„Џамијата продолжува да ни служи. До оваа џамија во 2004 година беше изградена друга џамија. Во зима се користи новата џамија, бидејќи дрвената џамија нема систем за греење, додека во летно време се користи дрвената џамија. Џамијата без шајки се чува како наше културно наследство. Оваа е единствена џамија без шајки изградена во регионот на Мармара, и затоа одвреме-навреме граѓаните ја посетуваат. Во оваа насока, џамијата е значајна и од аспект на туризмот“, рече тој.
Хасан Чакар, жител на ова подрачје, истакна дека луѓето покажуваат голем интерес за џамијата без шајки.
„Како што знаеме, оваа џамија била изградена од даб, без да се користат шајки. Од денот на изградбата, таа сѐ уште „цврсто стои на нозе“. Во 2014 година беше реконструирана според оригиналот. Горди сме со нашите предци. Тие во тешки услови успеале да изградат вакво дело“, додаде Чакар.