?kipa
12 Октомври 2020•Ажурирај: 13 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, денес изјави дека Ерменија еден ден ќе одговара пред историјата и меѓународното право поради гранатирањето на вториот најголем азербејџански град Ганџа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Акар во придружба на воениот врв на Турција присуствуваше на свечениот почеток на новата академска година на Воената академија во Анкара, а во обраќањето пред новинарите изјави дека Турција внимателно ги следи случувањата во Нагорно Карабах, и дека показател на ова е тоа што азербејџанскиот амбасадор во Анкара, Хазар Ибрахим, го одржал првото предавање на Воената академија под покровителство на Министерството за одбрана на Турција.
Истакнувајќи дека Азербејџан е братска земја, Акар изјави дека Војската на Ерменија го крши воспоставениот хуманитарен прекин на огнот и повторно извршува напади врз азербејџанската територија.
„Не е тоа нова практика, Ерменија секогаш е крајно агресивна и врши воени злосторства против човештвото. Не го почитуваат ниту меѓународното право, ниту хуманитарните вредности“, изјави Акар.
Паралелно со тоа, турскиот специјален брод за сеизмички истражувања „Оруч Реис“ утринава исплови од пристаништето и до 22 октомври ќе врши хидрокарбонски истражувања во Источниот Медитеран, а Акар изјави дека станува збор за легитимно право и интереси што Турција ги има во тој регион и кои се потврдени од страна на Обединетите нации.
„Во тој контекст спроведуваме исклучиво научни и технички активности. Тоа не е закана за никој, а тие активности станаа цел на нападите. Прават сè за да предизвикаат раст на тензиите, се надеваме дека нашите соседи ќе се држат подалеку од таквите напади“, изјави Акар.
Тој, исто така, изјави дека турската морнарица го следи и штити бродот „Оруч Реис“ на неговата истражувачка мисија.