Burak Bir
24 Септември 2019•Ажурирај: 25 Септември 2019
МУГЛА (АА) - Британските туристи денес започнаа да ја напуштаат турската област Мугла, каде што останаа блокирани по банкротот на британскиот туроператор „Томас Кук“, јавува Anadolu Agency (AA).
Речиси илјадници туристи утринава тргнаа назад во Велика Британија од аеродромот „Даламан“ во Мугла со 12 авиони што ги испрати Британската агенција за цивилно воздухопловство, откако од компанијата „Томас Кук“ објавија банкрот и ликвидација.
Проценката е дека областа Мугла во текот на денот ја напуштија околу 3.000 туристи.
Неколку часа по банкротот на компанијата „Томас Кук“, турските власти започнаа активности за осигурување на туристите, кои веќе ги резервирале и платиле патувањата и годишните одмори преку споменатата компанија.
„Главниот британски туроператор и авиокомпанија престанаа со тргување, што веднаш стапува на сила“, објавија британските власти вчера утрото. Истовремено, како што е соопштено, запрени се сите резервации преку 178 години старата компанија, вклучувајќи летови и аранжмани.
Се очекува со откажувањето на летовите да бидат погодени околу 150.000 лица.