Büşra Nur Çakmak
19 Ноември 2021•Ажурирај: 19 Ноември 2021
АНКАРА
Турција синоќа го повика бугарскиот амбасадор во Министерството за надворешни работи поради наводите дека Турција се мешала во бугарските претседателски и парламентарни избори и во внатрешните работи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според дипломатски извори, турскиот заменик-министер за надворешни работи, Фарук Кајмакчи, кој е задолжен за прашањата на ЕУ, го повикал на консултации амбасадорот Христов Чолаков откако бугарското Министерство за надворешни работи ја повикало турската амбасадорка во Бугарија, Ајлин Секизќок.
Кајмакчи му рече на Чолаков дека Турција ги отфрла сите наводи дека бугарските гласачи биле насочени од турските власти за време на претседателските и парламентарните избори во земјата на 14 ноември и дека Турција се мешала во внатрешните работи на Бугарија.
„Турција покажа голема соработка и ги обезбеди потребните погодности за бугарските гласачи да го дадат својот глас во Турција“, додаде тој.
Изворите рекоа дека на амбасадорот му била доставена дипломатска нота и му било кажано дека Турција очекува гласањето во Турција да не се злоупотребува во бугарската внатрешна политика.
На Чолаков му било кажано и дека на Турција ѝ е чудно што турската амбасадорка во Бугарија била повикана во Министерството за надворешни работи на Бугарија со такви неосновани обвинувања.
Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека реакцијата од Бугарија, членка на Советот на Европа и ЕУ, на бугарските гласачи кои го практикуваат своето најосновно право во Турција, е неприфатлива.