Cankut Taşdan
15 Септември 2020•Ажурирај: 16 Септември 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Турската полиција спроведува три одвоени акции за приведување на лица осомничени за поврзаност со терористичката организација ФЕТО, а од налогот за 125 лица, од слобода се лишени 79 осомничени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Врз основа на истрагата за инфилтрираните елементи на терористичката организација ФЕТО во Турските вооружени сили, Кабинетот на Обвинителството во Измир издаде налог за приведување на вкупно 66 осомничени лица за кои е утврдено дека користеле тајни и паралелни системи на комуникација во Турските вооружени сили.
Меѓу осомничените се наоѓаат припадници на копнените, воздушните, поморските и жандармериските сили, а 48 осомничени се подофицери во активна служба.
Постапувајќи по налогот на Обвинителството, турската полиција започна истовремени акции за приведување во 28 големи градови во земјата. Меѓу приведените е и командант на жандармеријата во подрачјето Фоча, капетанот C.E.
Приведените се предадени на надлежните правосудни институции на понатамошно процесуирање, а полициската потрага по преостанатите е во тек.
Врз основа на слична истрага и Кабинетот на Обвинителството во Истанбул издаде налози за приведување на 47 осомничени лица, кои се товарат дека во Турските вооружени сили дејствувале како инфилтрирани терористички елементи на ФЕТО.
Жандармериските и полициските сили спроведуваат истовремени акции во 19 турски градови за да ги лишат од слобода лицата од тој налог. Досега се приведени 17 осомничени лица, а утврдено е дека седум осомничени претходно побегнале во странство.
Меѓу осомничените се наоѓаат претходно суспендирани тројца капетани и еден активен поручник од Командата на воздушните сили на турската Војска. На списокот на осомничените се наоѓаат и 36 лица, кои тргнале во воени училишта, што се затворени, откако со истрага е утврдено дека се злоупотребувани за школување на терористички кадри, кои потоа со лажирани тестови напредувале во кариерите.
Паралелно со тоа, Кабинетот на Обвинителството во Анкара издаде налог за приведување на 12 наставници за кои е утврдено дека го користеле тајниот и паралелен систем на комуникација „БајЛок“, што терористите на ФЕТО го користеле за координирано дејствување во и надвор од Турција.
Налогот е издаден по истрагата за инфилтрираните елементи на ФЕТО во Министерството за образование на Турција, а меѓу 12-те осомничени се и осум наставници во активна служба.
Полицијата приведе девет осомничени лица и трага по останатите тројца, а сите се товарат дека од позициите на наставници врбувале млади лица и ги вклучувале во терористичката организација ФЕТО.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД), и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на таа терористичка организација, со години, преку местење испити напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, приврзаниците на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот неуспешен обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обид за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската Војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските функционери. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.