Halil Fidan
10 Јануари 2019•Ажурирај: 11 Јануари 2019
ШАНЛИУРФА (АА) – Халил Фидан
Мерјем Шејхани не може да ги заборави деновите исполнети со болка. Во Сирија таа ги загуби своите два сина, кои биле убиени од страна на терористичката организација ЈПГ/ПКК, а нејзиниот дом во Камишли, автомобилот и фурната биле присилно одземени од истата терористичка организација.
Голем број сириски курдски семејства, поради прогонот од страна на терористичката организација ЈПГ/ПКК која ги окупирала нивните територии, биле принудени да ја напуштат својата земја, а надежта ја најдоа доаѓајќи во Турција.
Со цел да ги заборават лошите денови од војната и од терористите во Сирија, Турција со години на најдобар можен начин ги угостува семејствата, кои ги сонуваат деновите кога нивната земја ќе биде исчистена од терористичката ЈПГ/ПКК.
Мерјем Шејхани (58), по потекло Курдка од Сирија, која моментално со своите внуци живее во изнајмен стан во областа Ејубије, во Шанлиурфа, е жив сведок за страдањата што во Сирија цивилите ги преживуваат од страна на терористичката организација ЈПГ/ПКК, кои ѝ ги убија нејзините млади синови.
Шејхани во изјавата што ја даде за АА наведува дека порано биле едно од богатите семејства во Камишли, а покрај куќа и земја, имале и фурна од која заработувале.
Таа објасни дека по избивањето на војната, нивниот живот се претворил во кошмар, и додаде: „Се обидувавме да им помагаме на луѓето што доаѓаа во Камишли од различни места. На тие луѓе им ја отстапивме нашата куќа од три спрата. Но откако ЈПГ/ПКК почна да се зајакнува, тие луѓе ги исфрлија на улица бидејќи не беа од нивната страна, а тие што се противеа, ги уапсија. И покрај сѐ, ние не ги послушавме нивните наредби, што беше причина да ни ги одземат автомобилот, куќата и фурната. Затоа избегавме во Расулајн, кој беше под контрола на Слободната сириска војска.“
Мерјем Шејхани истакна дека по извесен период, по нападот на терористичката организација на Расулајн, ги загубила своите два сина Таха и Муајед, кои војувале против терористичката организација.
- „Господ да даде и тие да ги доживеат истите мои болки“
Потсетувајќи се дека по окупацијата на Расулајн од страна на терористичката организација ЈПГ/ПКК, пребегале во Турција, Шејхани со болка во срцето ја продолжи својата приказна:
„Моите синови, моите души загинаа. На ден не умирам еднаш, туку по илјадапати. Моите синови постојано ми се во мислите, во ниту еден момент не ми излегуваат од ум. Господ да даде и тие да ги доживеат истите мои болки. Тие (ЈПГ/ПКК) немаат врска со курдското население, напротив, тие нас нѐ прогонуваа. Ние сме Курди, ама не сме терористи. ЈПК/ПКК во Камишли и Расулајн уништија сѐ. Врз луѓето ги извршија сите видови злосторства и им ги одзедоа имотите. Тука сме околу 6 години. Освен Господ и Турција, немаме никого. Затоа чекаме помош. Сакаме терористите да бидат протерани, за да можеме да се вратиме во нашите домови. Таму извршија тешки злосторства врз Арапите и Курдите. Ние, пред сѐ сме муслимани, но ПКК не знае што е. Изврши злосторства врз многумина, особено врз религиозните луѓе. Тоа никој друг не би го сторил.“
Мерјем Шејхани рече дека по доаѓањето во Турција, нејзиниот постар син Мухамед заедно со семејството заминал за Германија. По започнувањето на операцијата „Маслинова гранка“ тој се вратил за да учествува во таа операција, но веќе долго време не се слушнале ниту пак добила некаква вест од него.
Со солзи во очите раскажа дека поради отсуството на синот, таа ги гледа невестата и внукот.
„Моите два сина станаа шехиди, со Мухамед се одржував во живот, ама и тој замина, не знам што се случи со него. Веќе не можам да издржам, веќе немам сила, внуците, невестата, се во лоша состојба. Се надевам дека син ми со помош на Турција ќе биде пронајден. Сакам да знам дали е жив или мртов. Ние бевме богато семејство, но ништо не остана“, додаде таа.