Sefa Mutlu
17 Октомври 2021•Ажурирај: 18 Октомври 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, пред заминувањето за Ангола, првата држава што ќе ја посети како дел од африканската турнеја, потсети дека во изминатите години остварил десетици посети на земји од африканскиот континент, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Вкупно остварив 38 посети на 28 африкански земји, вклучително и оние додека бев премиер“, рече Ердоган на прес-конференцијата на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул.
Ердоган во рамките на посетата на Африка ќе ги посети Ангола, Того и Нигерија, а негова прва станица ќе биде Луанда, главниот град на Ангола.
„Продолжуваме да ги приближуваме Турција и Африка на сите полиња. На нашата соработка со африканските земји никогаш не гледаме краткорочно, ниту со фокус на интересите“, рече турскиот претседател.
Истакна дека обемот на трговска размена на Турција со африканските држави е значително зголемен во изминатиот период.
„Со обемот на трговска размена, која надминува 25 милијарди долари до крајот на 2020 година, Турција се истакнува како стратешки партнер на африканските држави“, рече Ердоган.
Тој потсети дека Турција за време на глобалната пандемија на коронавирусот пружила помош и поддршка на многу држави во светот.
„Пруживме помош во медицинска опрема и материјали во борбата против пандемијата за 159 земји и 12 меѓународни организации. Кога ќе ја завршиме вакцината ТУРКОВАК, ќе се обидеме, исто така, да пружиме најдобра можна поддршка насекаде“, рече Ердоган.
Потсети дека во Истанбул на 21 и 22 октомври ќе се одржи 3. Турско-африкански бизнис-форум, и дека Истанбул, исто така, ќе биде домаќин на Самитот за партнерство на Турција и Африка на 17 и 18 декември.
„Сакаме да ги унапредиме нашите односи со африканскиот континент врз основа на рамноправно партнерство, со уверување дека улогата на африканскиот континент ќе биде одлучувачка во 21 век. Ние не сме меѓу оние што се обидуваат да го одржат стариот колонијален поредок со нови начини и методи. Сакаме да успееме и да чекориме заедно со нашите браќа Африканци“, рече Ердоган.
Покрај Ердоган, во турската делегација која патува во африканските земји се турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, министерот за одбрана Хулуси Акар, министерот за трговија Мехмет Муш, министерот за енергетика и природни ресурси Фатих Донмез и директорот на Дирекцијата за комуникации при Кабинетот на турскиот претседател, Фахретин Алтун.