Kaan Bozdoğan,Kübra Kara,Çiğdem Münibe Alyanak
18 Март 2022•Ажурирај: 18 Март 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - „Победата во Чанаккале не е само наша победа, туку и заедничка победа на нашите 100 милиони браќа, од Балканот до Африка, од Европа до Азија. Со децата на Сараево, Скопје, Комотини, Баку, Батуми, Алепо, Газа, Ал Кудс (Ерусалим), заедно на оваа света земја веќе 107 години заедно почиваат децата на Истанбул, Анкара, Чорум, Јозгат, Антеп, Мардин, Едрене“, порача денеска во Чанаккале турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во западниот турски град Чанаккале тој говореше на собирот по повод 18 Март, Денот на сеќавањето на загинатите херои и 107-годишнината од поморската победа во Чанаккале.
На самиот почеток на обраќањето посака спокој на душите на сите загинати кои ги жртвувале своите животи за татковината и знамето во Војната за независност, воената интервенција на Кипар, во борбата против тероризмот, како и за време на обидот за пуч на 15 јули 2016 година.
„Нека Алах е задоволен со нив, спокој над нивните души и нека бидат израдувани со рајот“, рече Ердоган, изразувајќи почит и кон војниците на другите народи кои се бореа во Чанаккале.
„Иако дојдоа со намера за инвазија, ние со почит се сеќаваме на војниците на другите народи, кои денес ги сметаме за наши гости, од моментот кога паднаа на оваа земја.“
Претседателот Ердоган нагласи дека турскиот народ во Чанаккале го променил текот на историјата.
„Битката кај Чанаккале е голема херојска епопеја во која се покажани високите доблести на нашата нација како што се патриотизмот, пожртвуваноста и храброста.
Народот вљубен во независноста, кој веруваше и ризикуваше смрт за својата вера, го промени текот на историјата овде пред 107 години. Најсилните војски на светот доживеаја разочарување во Чанаккале, а верата ја победи окупацијата“, порача Ердоган.
Додаде дека на денешен ден пред 107 години се видело дека не постои сила или оружје кое може да му се спротивстави на народот кој е одлучен да ја заштити својата татковина и слободата по цена на својот живот.
„Турскиот народ им даде надеж на сите угнетени со својата единствена борба во Чанаккале, а многу колонијализирани земји ги започнаа сопствените борби со инспирацијата што ја добија од Чанаккале, а подоцна и од Војната за независност. Во тој поглед, победата во Чанаккале не е само наша победа, туку заедничка победа на нашите 100 милиони браќа од Балканот до Африка, од Европа до Азија“, истакна Ердоган.
Понатаму тој наведе дека станува збор за величествена победа на Турција и турскиот народ, како и на угнетените народи кои своите „очи и срца ги свртеа кон нашата земја“.
„Кога ќе ги видиме надгробните споменици, ја гледаме таа вистина многу јасно. Тука не се наоѓаат само гробови на хероите од секоја наша област, секој округ и од скоро секое село во Турција, туку и гробовите на шехидите кои дојдоа од целиот свет. Со децата од Сараево, Скопје, Комотини, Баку, Батуми, Алепо, Газа, Ал-Кудс, на оваа света земја веќе 107 години заедно почиваат и децата на Истанбул, Анкара, Чорум, Јозгат, Антеп, Мардин и Едрене. Поради оваа причина, Чанаккале не е само симбол на нашето вечно братство како народ, туку, исто така, ги одразува и симболизира братството и заедничката судбина на овој регион, па дури и на исламскиот свет“, порача Ердоган.
Истакна дека епопејата за Чанаккале им се пренесува на младите во сите пригоди и препорача тие да го видат тоа навистина посебно место во Турција.
Ердоган истакна дека постојат длабоки и важни поуки кои секој може да ги научи од загинатите херои и жртвите кај Чанаккале.
„Сакам не само нашите деца, туку и младите луѓе од Балканот, Африка, Блискиот Исток и Централна Азија да дојдат овде, да ги запознаат нивните предци и да бидат сведоци на корените на братството кое постои меѓу нас. Кога тоа ќе го постигнеме, кога на нашите деца правилно ќе им го објасниме Чанаккале, верувам дека ќе воспоставиме поинаква атмосфера на љубов кај нашиот народ. Пред сѐ, сметам дека нашето потомство треба да го воспитуваме во согласност со тоа, како што водени од Гази Мустафа Кемал, му ја покажавме на целиот свет победата на полумесечината против менталитетот на крстоносците“, рече Ердоган.