АНКАРА
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порача дека Турција го продолжува патот на прогрес со претседателскиот систем на управување и подготвеноста да ја јакне соработката во регионот и светот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган во интервју за ТРТ ја искоментира актуелната ситуација во Турција, регионот и светот, со посебно осврнување на процесот на изработка на нов Устав на Турција, кој владејачката Партија за правда и развој (АК Партија) го подготвува во соработка со Партијата за национално движење (MHP).
„Работиме на вкупно 128 члена на новиот турски Устав, по што ќе продолжат консултациите. Работевме на формирање на Научен совет за новиот Устав на Турција. Сакаме да работиме со тоа тело и да постигнеме најширок договор“, рече Ердоган.
Запрашан за коментар за преминот на Турција од парламентарен систем во претседателски систем на управување, Ердоган рече дека Турција има лошо искуство со повеќепартиски систем на управување, коалициски систем со постојани превирања и криза и дека се префрлила на систем сличен на оние кои постојат во сите најразвиени земји на светот.
„Системот на парламентарна демократија за нас е минато, тоа е минато и кај народот, претседателскиот систем ја покажа ефикасноста и во периодот на пандемијата“, изјави Ердоган.
Коментирајќи ја соработката со американските претседатели, Ердоган изјави дека со поранешните претседатели Барак Обама и Доналд Трамп имал опуштена комуникација, но дека тоа не било случај и со актуелниот претседател на САД, Џо Бајден.
Истакнувајќи дека во тек се подготовките на неговиот состанок со Бајден, Ердоган изјави дека во таа пригода ќе му постави прашање зошто односите на Турција и САД се во ваква напнатост.
„Ни здодеа секој 24 април да се прашува што САД ќе кажат за ерменските наводи. ’Зарем немате друга работа, па се занимавате со нивната адвокатура? Нека се занимаваат историчарите со тоа‘“, изјави Ердоган.
Тој исто така изјави дека САД како сојузник на Турција од НАТО би требало да бидат со неа, но дека, за жал, застанале на страна на терористите, укажувајќи на соработката и поддршката која САД ја пружаат на терористите на ЈПГ/ПКК на северниот дел на Сирија.
Истакнувајќи ја неопходноста за јакнење на искрена соработка меѓу сојузниците во НАТО, Ердоган изјави дека Емануел Макрон како претседател на Франција, членка на НАТО, изјавил дека НАТО претрпел мозочна смрт и дека за тоа треба да се праша токму НАТО.
„Ние знаеме со кого Макрон соработува во Либија и Сирија“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган понатаму изјави дека Турција е подготвена на јакнење на соработката со сите земји, вклучувајќи ги Египет и заливските земји.
Нагласувајќи дека народите на Турција и Египет имаат длабоки коренски врски, Ердоган изјави дека Турција и Египет имаат можност за сериозна соработка на поширокиот појас од Источен Медитеран, сѐ до Либија.
„Добро го познавам египетскиот народ, го сакам, културолошкиот аспект на нашите врски е особено силен. Затоа сме одлучни во обновата на процесот на соработка“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган најави дека в петок ќе присуствува на свеченото отворање на новоизградената џамија во Зонгулдак и дека во таа пригода на нацијата ќе ѝ ги соопшти добрите вести за потрагата за нафта и природен гас во Турција.
Тој најави дека кон крајот на јуни ќе биде положен и темелник за изградба на првиот мост на Каналот Истанбул, со кој, паралелно на Босфорот, ќе бидат споени Мраморното Море и Црното Море.
Коментирајќи ја економската состојба во Турција, Ердоган рече дека е постигнат раст од 7 отсто во првиот квартал и дека растат производството и вработеноста. Тој додаде дека е потребно да се работи на намалување на каматите и товарот што тие го претставуваат. Најави интензивни разговори насочени кон подобрување на бизнисот во туристичкиот сектор.
„Во првиот квартал на оваа година повторно остваривме најголем економски раст во Европа. Особено е важно што најзабележителна точка од тој раст беше растот од 30,5 отсто во инвестициите во машини и опрема“, изјави Ердоган.
Ердоган исто така најави и продолжување на одлучната борба против тероризмот во Турција и регионот.
„Тие ќе ја препознаат и видат определбата на Турција, која е решена да ги исцеди мочуриштата на планината Кандил на таков начин што микробите на тероризмот никогаш повеќе нема да се шират таму“, рече Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган се обрати и на младите кои терористичката организација ПКК со регрутирање ги измами и ги однесе во своите кампови.
„Сакам да се обратам на младите кои терористичката организација ги измами, што побрзо побегнете од тие изнајмени убијци и дојдете во безбедните раце на државата“, порача Ердоган.