Ali Bayaslan
06 Април 2020•Ажурирај: 07 Април 2020
АНКАРА
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека благодарение на големиот број на мерки кои на време се преземени, ќе ја надминат епидемијата на Ковид-19 паралелно со Европа и светот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Турција во Истанбул ќе организира уште две болници со капацитет од 1.000 кревети. Турскиот здравствен систем бележи уште еден важен успех со 20.000 тестови за коронавирус дневно“, изјави Ердоган по состанокот на Кабинетот одржан преку видео-конференција.
Тој истакна исто така дека турските власти ќе направат сѐ за да им ја дадат потребната помош на своите граѓани кои се погодени со пандемијата на Ковид-19.
„Ги започнавме потребните подготовки за давање помош за уште 2,3 милиони домаќинства во Турција“, изјави Ердоган, додавајќи дека неговата земја презела голем број мерки во рамките на борбата против коронавирусот.
„Благодарение на мерките кои ги преземаме и додатните мерки кои ќе ги преземеме, ќе ја надминеме оваа пандемија паралелно со Европа и светот“, изјави претседателот на Турција.
Тој исто така истакна дека во рамките на Националната кампања на солидарност, покрената минатата недела, веќе се собрани 1,5 милијарди лири (над 221 милиони долари).
Претседателот Ердоган рече дека во Турција е строго забрането да се продаваат маски и да се земаат пари за нив.
„Маските во маркетите се исто така бесплатни. Имаме доволно маски за сите наши граѓани до завршувањето на епидемијата. Како држава, одлучни сме да обезбедиме бесплатни маски за сите наши граѓани“, изјави Ердоган.
Тој на крајот нагласи дека здравствениот систем во Турција многу добро се справува со епидемијата.
„Во нашите болници немаме никакви проблеми со дијагностицирање и лекување. Досега се немаме сретнатно со позначајни проблеми во однос на давањето здравствена заштита, со производството на храна и средства за чистење како и давањето на јавна безбедност“, изјави Ердоган.