Asiye Latife Yılmaz
11 Август 2025•Ажурирај: 11 Август 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Јасно е дека на Обединетите нации (ОН) им се потребни сериозни реформи за да продолжат да ги исполнуваат должностите што им се доверени, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во видеопораката по повод 80-годишнината на организацијата, јавува Анадолу.
„Наша колективна одговорност е ОН да ги направиме платформа што ја претставува глобалната правда против злосторствата извршени врз Палестинците“, рече Ердоган.
Тој нагласи дека мора да се преземат чекори, со истата одлучност што ја покажаа основачите што ги поставија темелите на оваа организација пред 80 години, за зајакнување на ОН на начин што може повторно да ги воспостави глобалниот мир, просперитетот, меѓусебната доверба и солидарноста и нивно продолжување во иднина.
Ердоган, исто така, ја потврди поддршката на Турција за сите реформски напори, меѓу кои и Иницијативата 80 на ОН, започната под водство на генералниот секретар. Тој рече дека Анкара е решена активно да учествува во напорите насочени кон трансформирање на ОН во поефективна, поефикасна и финансиски силна структура.
Турскиот претседател потсети на повикот на Турција за реформа на Советот за безбедност на ОН, велејќи: „Го повторуваме нашиот слоган ‘Светот е поголем од пет’, врз основа на реформата на Советот за безбедност на ОН и велиме: 'Поправеден свет е можен'.“
„Ги повикувам земјите членки да преземат итни чекори што ќе ги вратат ОН како надеж на човештвото“, додаде тој.
Турскиот претседател, исто така, им ја честита 80-годишнината на ОН, истакнувајќи дека организацијата, чиј член основач е и Турција, постигнала значајни успеси во осигурувањето на глобалниот мир и безбедност и промовирањето на меѓународната соработка од нивното основање во 1945 година.
Ердоган ги упати своите најдобри желби годишнината да биде ветувачки успех за целото човештво.