Yıldız Aktaş
27 Јануари 2017•Ажурирај: 28 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара најави дека прашањето на терористичката организација ФЕТО на подрачјето на источна Африка наскоро ќе биде решено, јавува Anadolu Agnecy (AA).
Ердоган денес се обрати пред присутните на состанокот за урбанизам и инфраструктура во главниот град Анкара, а во таа пригода се осврна на актуелните случувања, меѓу останатото и на својата посета на африканските земји Танзанија, Мозамбик и Мадагаскар оваа недела.
„Во наредниот период ќе ги поправиме урнатините што ФЕТО ги предизвика таму. Тамошните лидери ми кажаа дека не биле свесни за ФЕТО во толкава мера. Меѓутоа, кога пред нив беа ставени документи и други докази, тогаш самите рекоа дека ќе направат сѐ што е потребно во врска со тоа“, изјави Ердоган.
Тој нагласи дека во градовите што ги посетил владее сиромаштија и беда, и дека африканскиот континент сѐ уште страда од последиците на колонијализмот. „Ние, од една страна, додека ја градиме врската меѓу нашите градови и цивилизации, во исто време сакаме и нашите браќа да имаат корист од тоа. Подготвени сме да им дадеме секаков вид на поддршка за да не го доживеат она со коешто бевме соочени ние во последните 70 години. Тоа јасно го кажав за време на состанокот со претседателите на Танзанија, Мозамбик и на Мадагаскар“, порача Ердоган.
Тој додаде дека Турција со својата Агенција за изградба на колективни населби (ТОКИ), која на подрачјето на Турција во последните 14 години изгради 765 илјади станбени објекти, подготвена е на тој план да им помогне на африканските земји.
„Ние не се занимаваме со колонијализам, бидејќи тоа го нема во нашата историја. Со Африка, Јужна Америка, Средна Азија, Блискиот Исток, Јужна Азија и со целиот свет сакаме да оствариме такви односи. За жал, во подрачјата што претходно ги запоставивме, дојдоа припадниците на предавничката терористичка организација ФЕТО. А, ние први требаше да дојдеме таму. Ние требаше да поставиме темели и да направиме мостови. Таму има многу срца што треба да се освојат, многу односи да се изградат и многу работа да се направи“, порача Ердоган.