Ferdi Türkten
04 Септември 2021•Ажурирај: 05 Септември 2021
РИЗЕ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека работат напорно за да им остават на идните генерации просперитетна и стабилна Турција со висок животен стандард, јавува Агенција Анадолија (АА).
Ердоган денес присуствуваше на свеченото отворање на тунелот „Саларха“ и други инфраструктурни проекти во Ризе, област во североисточна Турција, на брегот на Црното Море.
Тој истакна дека источниот дел на регионот на Црното Море претходните години има постигнато голем напредок во областа на економијата, туризмот, индустријата и образованието.
Додаде дека во таа смисла и сообраќајот во регионот е зголемен, поради што е важно на тоа подрачје да постои потребната патна инфраструктура.
„Со тунелот Саларха отстрануваме значителен дел од овој сообраќај од градот и го пренасочуваме директно преку обиколницата“, рече Ердоган, додавајќи дека поширокото подрачје на Ризе и понатаму ќе биде познато трговско одредиште откако ќе бидат завршени сите планирани проекти во регионот.
Потсетувајќи на свлечиштата и поплавите предизвикани од обилните дождови, што оваа година ја погодија областа Ризе, Ердоган рече дека властите забрзано работат за да им помогнат на граѓаните кои останаа без домови во природните непогоди.
„По катастрофите, брзо ги извршуваме работите за отстранување на отпадот и проценка на штетата, ги надоместуваме загубите на нашите граѓани и брзо ги обновуваме уништените места“, рече турскиот претседател.
На крајот порача дека никогаш нема да дозволи некој да го подели народот на Турција.
„Најдобриот сведок за тоа каков пат помина Турција во последните 19 години е нашата нација“, рече Ердоган, додавајќи:
„По многу политички, општествени и економски напади, се соочивме со големи испити како епидемии и природни катастрофи“, рече тој.