Hatice Şenses Kurukız, Berk Özkan
25 Септември 2021•Ажурирај: 27 Септември 2021
ИСТАНБУЛ
Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека турскиот фестивал за воздухопловство и технологија ТЕХНОФЕСТ во наредните години ќе стане светски бренд во таа област, известува Агенција Анадолија (АА).
„ТЕХНОФЕСТ, не само што нашата младина ја запознава со најсовршените светски технологии, туку ја инспирира на заeдничка работа, тимски дух и патриотски чувства“, рече Ердоган во обраќањето на најголемиот турски фестивал за воздухопловство и технологија ТЕХНОФЕСТ, што се одржува во Истанбул.
„Со инвестициите и успесите што ги постигнавме во изминатите 19 години, ја подготвуваме инфраструктурата на ТЕХНОФЕСТ, технолошка платформа која навистина ја инспирира нашата младина“, додаде турскиот претседател.
Ердоган истакна дела планираат овој фестивал за воздухопловство и технологија да го одржуваат и во некои други земји.
„ОД ТЕХНОФЕСТ ќе направиме светски бренд и ќе го организираме и во пријателските и сојузнички земји, почнувајќи од Азербејџан. ТЕХНОФЕСТ ќе го претвориме во фестивал на технологијата и иновациите, не само во нашата земја, туку и глобално“, рече Ердоган.
Тој додаде дека се среќни и горди кога ќе забележат технолошки достигнувања и производи развиени во домашните капацитети и во националните компании на Турција.
„Многу добро знаеме дека нашите млади луѓе имаат карактер, визија и погледи кои не можат да се опишат со зборови“, истакна претседателот на Турција.
Ердоган потсети дека Турција во текот на изминатите две децении постигнала бројни успеси и напредок во бројни области.
„Додека денес зборуваме за достигнувањата во нашата домашна и национална технологија, чекорите преземени во последните 19 години сигурно имаат голем удел во тоа“, истакна Ердоган.
На претпоследниот ден од најголемиот турски фестивал за воздухопловство и технологија ТЕХНОФЕСТ, што се одржува во Истанбул, посетителите можеа да уживаат во бројни иновации и достигнувања во областа на воздухопловството и технологијата.
Меѓу другото, посетителите можеа да ги погледнат и промотивните летови на разни авиони и хеликоптери.
Посебно внимание привлече „Хуркуш“, нискокрилен едномоторски турбопропелерски авион двосед, што го произведе компанијата „Turkish Aerospace Industries“ (TAI), како и турскиот воен хеликоптер „ATAK“.
На Аеродромот „Ататурк“, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, ги следеше промотивните летови во придружба на сопругата Емине Ердоган, нобеловецот Азиз Санчар со своите студенти и други официјални лица и гости.
На шестдневниот настан што се одржува на Аеродромот „Ататурк“ организирани се бројни активности, како што се аеромитинг со воени авиони, беспилотни летала и хеликоптери, потоа семинари, самити, натпревари и разни саеми.
Во рамките на „ТЕХНОФЕСТ 2021“ се одржуваат и технолошки натпревари во десетина различни категории, како што е паметен транспорт, дизајн на хеликоптери, биотехнологија, роботика, летечки авиони, ракети и подводни системи без екипаж.
Организатори на „ТЕХНОФЕСТ“ се Турската фондација за технологија и Турското министерство за индустрија и технологија на Турција. „ТЕХНОФЕСТ“ се одржува во разни градови низ Турција, а во Истанбул секоја непарна година.
Минатата година настанот беше организиран во виртуелен формат во турската јужна област Газиантеп поради мерките воведени против пандемијата на коронавирусот.
„ТЕХНОФЕСТ“ во 2019 година во Истанбул го посетија 1,72 милиони лица. Агенција Анадолија е глобален комуникациски партнер на настанот од 2018 година.
Овогодинешниот „ТЕХНОФЕСТ“ се одржува од 21 до 26 септември.