ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган имаше интензивни дипломатски активности за време на Самитот на лидерите на Г-20, чиј домаќин беше Индија, фокусирајќи се на националните приоритети и регионалниот развој, јавува Анадолу.
Првиот состанок на претседателот Ердоган за време на Самитот, кој се одржа во Њу Делхи на 9 и 10 септември, беше со јапонскиот премиер Кишида Фумио.
Ердоган разговараше и со домаќинот на Самитот, индискиот премиер Нарендра Моди, на свечениот прием во Меѓународниот саем и конгресен центар Бхарат Мандапам.
За време на двете седници на првиот ден од Самитот, Ердоган се состана со претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), шеикот Мухамед Бин Зајед Ал Нахјан, бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва, претседателот на Јужна Кореја, Јун Сук Јеол, германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателот на Светската банка, Ајај Банга.
На првиот ден од Самитот претседателот Ердоган се сретна и со лидерите на земјите членки на МИКТА, неформална интерконтинентална платформа за консултации и координација, која ја сочинуваат Туркије, Мексико, Индонезија, Јужна Кореја и Австралија.
На состанокот на МИКТА, на кој присуствуваа австралискиот премиер Ентони Албанес, индонезискиот претседател Џоко Видодо, јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол и мексиканската министерка за економија Ракел Буенростро, Ердоган укажа на сѐ почестите напади врз муслиманите и нивните вредности.
„Апсолутно е неприфатливо под превезот на 'слободата на изразување' да се дозволува речиси секојдневно да се напаѓаат најсветите вредности на две милијарди луѓе. Сметаме дека секој што го почитува човештвото, без разлика на неговата религија, треба да се спротивстави на ова. Како Туркије, ќе продолжиме да ја изразуваме нашата реакција на ова прашање“, рече Ердоган, додавајќи:
„Додека неправдите во глобалниот систем растат, способноста на меѓународните организации да најдат решенија за овие проблеми, за жал, се намалува. Оваа ситуација дополнително ја зголемува нашата одговорност за мирно решавање на конфликтите, градење поправеден свет и обезбедување мултилатерализам.“
Ердоган ја повтори својата порака дека „светот е поголем од пет“, алудирајќи на петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации.
Во посета на мавзолејот на Махатма Ганди со лидерите на земјите од Г-20 на вториот ден од Самитот, Ердоган присуствуваше на завршната седница и на церемонијата на предавање на претседателскиот мандат.
Ердоган на прес-конференцијата за време на престојот во Њу Делхи рече дека имал кратка средба и со американскиот претседател Џо Бајден, на која разговарале за прашањето за купување на авионите Ф-16.
На вториот ден од Самитот, Ердоган се состана со престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мухамед бин Селман бин Абдулазиз Ал Сауд, со египетскиот претседател Абдулфетах ал-Сиси, кои учествуваа на Самитот со специјална покана, и со Шарлс Мишел, претседател на Европскиот совет.
За време на состанокот меѓу Ердоган и Селман се разговараше за билатералните односи меѓу Туркије и Саудиска Арабија, како и за регионални и глобални прашања.
Претседателот Ердоган на средбата со Сиси истакна дека со меѓусебното назначување амбасадори, односите влегуваат во нова ера и изрази уверување дека билатералните односи што поскоро ќе го достигнат нивото што го заслужуваат.
Истакнувајќи дека е важна поддршката што египетската администрација им ја дава на турските инвеститори и компании, Ердоган истакна дека тие им придаваат значење на ревитализацијата на соработката во областа на течниот природен гас, нуклеарната енергија, културата и образованието.
Турскиот претседател ги заврши контактите на дводневниот Самит со средба со индискиот премиер Моди.
news_share_descriptionsubscription_contact
