АНКАРА
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека со жалење гледаат како некои пријатели од една страна ја истакнуваат борбата против тероризмот, а од друга страна се рака под рака со тие терористи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Одделот за комуникации при турското Претседателство соопшти дека претседателот Ердоган во Велика Британија имал интервју со новинарите.
Наведувајќи дека успешно го завршиле Самитот на лидерите на НАТО, по повод 70-годишнината од формирањето на Алијансата, Ердоган изјави дека на него имале можност детално да разговараат за стратешките прашања на НАТО, како што се борбата против тероризмот, бегалската криза, кибер и хибридните опасности, зајакнувањето на солидарноста на Алијансата, како и односите со Русија и Кина.
Истакнувајќи дека Турција е една од најмоќните сојузници на НАТО и дека учествува во сите важни мисии на НАТО од 1952 до денес, Ердоган рече:
„И денес, како и досега, вклучени сме во различни мисии од Авганистан до Ирак. Нашиот финансиски и воен удел во НАТО е поголем од многу членки. Односот на нашите расходи за одбрана во однос на бруто-националниот производ е 1,9 проценти. На Самитот во Велс си поставивме една цел на таа тема и продолжуваме да се усогласуваме кон таа цел. Секако дека пред нас има многу земји. Повеќето од овие земји, всушност немаат висок бруто-национален производ. Затоа на тие оценувања се наоѓаат пред нас. На пример, Бугарија.“
Турскиот претседател истакна дека моќта на НАТО потекнува од единството и солидарноста меѓу сојузниците и дека во овој момент е од суштинско значење сите членки на Алијансата да ги земат предвид безбедносните проблеми и закани.
„Во оваа ера на глобализација, никој од нас не може да биде безбеден ако сите не сме безбедни. Ние сме единствена членка на НАТО која се бори против терористичките организации ПКК/ЈПГ, ДЕАШ, ФЕТО. Тоа го кажав во мојот говор. Но некои пријатели од една страна ја истакнуваат борбата против тероризмот, а од друга страна се рака под рака со тие терористи. Како што ние сериозно ги сфаќаме заканите кон Алијансата, сите сојузници треба сериозно да ги сфатат нашите безбедносни проблеми. Тоа е сојузништво. Сите партнери треба да се придржуваат на тоа.“
Потсети дека Турција, Велика Британија, Германија, Франција одржале Самит за Сирија, на кој е разговарано и за операцијата „Извор на мирот“. „Тука им ги презентирав документите што ги подготвив и информациите“, рече Ердоган, и додаде:
„Има едно прашање на кое тие се фокусираат, а тоа е: ’Кога ќе излезете оттаму?‘. Ние ги прашавме: ’Добро, а вие што правите тука? Имате ли граница? Немате. Добро, ве напаѓаат ли?‘ - ’Не.‘ - ’Тогаш, што барате таму? Ние имаме граница во должина од 911 километри. Нас нѐ напаѓаат. Умираат наши војници. Умираат ли ваши војници, имате ли повредени?‘. - ’Не.‘ - ’Тогаш, откаде го имате правото да го поставувате ова прашање?‘. Им кажав многу јасно и отворено: ’Должината на регионите Тел Абјад и Рас ал Ајн изнесува 120 километри, со широчина од 32 километри. Сѐ додека не воспоставиме мир, не е можно да се повлечеме оттаму. Затоа што ние таму дојдовме за мир и мирот ќе го воспоставиме.‘“
Ердоган се осврна и на оние кои велат дека ја уништиле терористичката ДЕАШ.
„За жал, вие сте заедно со терористичката организација ЈПГ/ПЈД и велите дека тука со нив ја уништивме ДЕАШ. Извинете, не ја уништивте ДЕАШ. ДЕАШ сѐ уште е таму каде што беше. Тоа го кажуваме со факти.“
Турскиот претседател нагласи дека е одлучено Самитот меѓу четворицата лидери да се одржува барем еднаш годишно, и дека следниот самит ќе се одржи во февруари 2020 година во Истанбул.
Тој рече дека на маргините на Самитот имал билатерални разговори со премиерите на Шпанија и Грција.
Посочи дека оствариле плодна средба со американскиот претседател Доналд Трамп, и додаде:
„На дневен ред беа некои проблематични прашања. Разговаравме повторно за овие теми. Во билатералните односи ќе се фокусираме особено на зголемувањето на обемот на трговската размена на 100 милијарди долари. Разговаравме и за Самитот на НАТО и регионалните прашања. Нашите колеги, кои претходно ги назначивме, ќе продолжат да работат на „S-400“ и „F-35“.“
Во однос на прашањето за борбата против терористичката организација ФЕТО Ердоган рече: „Досега предадени се некои од лидерите на ФЕТО. Сѐ уште има држави со кои преговараме за ова прашање“.
Турскиот претседател се осврна и на плановите на НАТО за балтичките земји. „Тие побараа поддршка од нас, и ние рековме „да“, ама и вие нема да нѐ оставите нас сами на себеси во борбата против тероризмот.“
news_share_descriptionsubscription_contact
