Erdoğan Çağatay Zontur
17 Јули 2020•Ажурирај: 18 Јули 2020
АНКАРА
Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека одлуката за одземање на статусот на музеј и враќање на статусот на џамија на „Аја Софија“ е прашање на суверенитетот на Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Реакциите од странство за што било не нѐ обврзуваат. Процесот во врска со „Аја Софија“ е прашање на суверенитетот. Никој однадвор не може да влијае на одлуките кои се однесуваат на нашиот суверенитет“, порача Ердоган во обраќањето на новинарите откако беше на петочната молитва во истанбулската џамија „Хазрети Али“.
Ердоган рече дека Управата за верски работи на Турција ги врши подготовките за почнување на извршување верски обреди во „Аја Софија“, што ќе се случи на 24 јули.
Истакнувајќи дека на првата молитва наредниот петок во „Аја Софија“ ќе можат да присуствуваат помеѓу 1.000 и 1.500 верници, Ердоган рече дека ќе бидат преземени сите адекватни превентивни мерки против ширењето на коронавирусот (Ковид-19).
„Природно право на нашиот народ е по 86 години повторно да ѝ се врати статусот на џамија на „Аја Софија“ и таа да се отвори за верски обреди. Тоа го направивме и тоа не е важно само за Турција, туку и за целиот исламски свет“, рече Ердоган.
Коментирајќи ги нападите кои ерменските сили во изминатите денови ги изведуваат на пограничните позиции на азербејџанската војска, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, порача дека Турција секогаш ќе го поддржува братскиот Азербејџан.
„Никогаш нема сами да ги оставиме нашите азербејџански браќа. Нагорно-Карабах е под окупација. Трилатералната група од Минск тоа прашање нерешено го држи веќе 25-30 години“, рече Ердоган.
На новинарско прашање, да ја прокоментира и ситуацијата во Либија, Ердоган порача дека Турција ја поддржува меѓународно признаената Влада на национално единство на Либија и либискиот народ.
„И понатаму ќе преземаме одговорност во Либија како што тоа го правевме и досега. Нема да ги оставиме сами нашите либиски браќа. Нашите односи со Либија траат подолго од 500 години“, порача Ердоган.