Enes Kaplan,Yıldız Aktaş
29 Март 2017•Ажурирај: 30 Март 2017
АНКАРА (AA) – Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави подобра Турција, кога станува збор за борбата против тероризмот, и порача дека секој што го нарушува мирот во таа земја, ќе ја плати цената, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган присуствуваше на „Програмата ДА за подобра Турција“, во Анкара, каде што изјави дека вратите на претседателската палата во тој град се отворени за сите граѓани, без оглед на тоа од каде доаѓаат и со што се занимаваат.
„На сите вам ви посакувам многу успех на овој пат по кој тргнавте со мотото ‘сите заедно за подобра Турција’“, рече Ердоган.
Тој се осврна и на референдумот за сетот уставни промени во таа земја, кој ќе биде одржан на 16. април.
„Во земјата, многумина прашуваат: ‘Што ќе биде по 16. април?’ Вие го дадовте најдобриот одговор на тоа прашање. Ќе биде подобра Турција. Ќе има такви кои при очи се слепи, кои при уши не слушаат и кои при јазик не зборуваат“, рече Ердоган.
Во таа пригода, Ердоган посочи дека е забележан раст на БДП по жител од 3.500 долари на 11.000 долари.
Ердоган потсети и на претходната состојба во Турција и на изјавата од лидерот на опозицијата дека периодот пред 10 години бил подобар отколку сега, и им порача, доколку е така, да се потрудат да ја поправат состојбата во која се наоѓа земјата.
Освен тоа, тој најави и нови проекти во кои се предвидени нови градски болници за 30 градови во Турција.
Ердоган пренесе дека во понеделникот влегол во еден шатор подигнат за промоција на кампањата ‘не’ за референдумот и присутните ги запрашал зошто се спротиставуваат, а добил одговор дека сакаат современа Турција. Потоа претседателот ги запрашал што е тоа што сега недостасува во земјата, но тие не можеле да дадат одговор.
Претседателот Ердоган истакна дека треба да се погледне кој се спротивставува на сетот уставни промени и дека меѓу противниците се наоѓаат и челници на терористичките организации.
„Со силата добиена од народот и со овластувањата што ги дава Уставот, започнува нов период“, најави Ердоган, кој се осврна и на митингот одржан во саботата, во Швајцарија, на кој беше истакнат транспарент и на него турскиот претседател како цел.
Ердоган додаде и дека секој што го нарушува мирот во земјата, ќе ја плати цената за тоа.
„Во борбата против тероризмот ќе дојдеме до подобра Турција. Моментално му го кршиме ’рбетот на теророт, влеговме во нивните засолништа. Не само во рамките на земјата, туку и во Сирија, Џарабулус, Раиј, Дабик, Баб... Со чистењето на тие територии од ДЕАШ и од ПЈД го продолжуваме својот пат“, изјави Ердоган.