Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека „15 јули не е само ноќта кога беше спречен предавничкиот обид за државен удар, туку голема победа на демократијата, испишана со златни букви во историјата, во која нашиот народ по цена на својот живот ги одбрани својата волја, демократија и независност“, пренесува Анадолу.
Претседателот Ердоган, по повод 15 јули - Денот на демократијата и националното единство, напиша статија со наслов „15 јули: Декларацијата за независност на Векот на Турција“.
Ердоган ја започна статијата, објавена во домашните весници, со зборовите: „Поминаа точно десет години од таа кобна ноќ, кога еден голем народ, кој го смени текот на историјата, се бореше по цена на својот живот за својата независност и иднина.“
„15 јули не е само ноќта кога беше спречен предавничкиот обид за државен удар, туку голема победа на демократијата, испишана со златни букви во историјата, во која нашиот народ по цена на својот живот ги одбрани својата волја, демократија и независност. Таа ноќ нашиот благороден народ им одржа една од најголемите историски лекции на империјалистите што се обидоа да ја окупираат нашата татковина и на нивните соработници, исто како и за време на Војната за независност“, оцени Ердоган.
„15 јули, како што поетот вели во стиховите: 'Величината на нашите предци е позната низ целиот свет / Немој да мислиш дека природата се менува, оваа крв е истата крв!', претставува голем еп, испишан со златни букви во историјата од нашиот благороден народ, кој излезе на улиците и плоштадите со иста увереност и решителност како оние што херојски се бореа пред илјада години кај Малазгирт, како оние што пред 500 години ги положија своите души и тела за да го остварат сонот на султанот Фатих на ѕидовите на Истанбул и да ја заслужат радосната вест на нашиот Пратеник, како и оние што пред сто години не ги жалеа своите животи за одбрана на татковината.“
- „Нашиот народ уште еднаш сам ги одбрани својата независност и својата иднина“ -
Во својата статија Ердоган истакна дека кога го повикале својот народ на плоштадите и аеродромите за да ја брани националната волја од предавничкиот обид на терористичката организација, заслепена од омраза, каков што ретко е забележан во историјата, не упатиле обичен повик.
„Повикот што му го упативме на нашиот народ беше израз на довербата што ја имавме во демократската зрелост, проникливоста и храброста на нашиот благороден народ. Наша цел беше повторно да го оживееме мотото 'Или независност или смрт!', едно од најсветите наследства што ни го оставија нашите предци. Нашиот народ, како да излезе од длабочините на историјата, веднаш одговори на овој повик, не жалејќи ги ниту животот ниту душата. Му благодариме на Бога што нашиот народ не ја изневери оваа доверба и уште еднаш сам ги одбрани својата независност и својата иднина. Таа ноќ нашиот народ ги искина синџирите што сакаа да ѝ ги наметнат на неговата волја, ги скрши оковите на туторството и предавството и една по една ги урна пречките пред Турција. Таа ноќ 253 синови на нашата татковина станаа шехиди, а повеќе од 2.000 наши браќа и сестри беа повредени. Секоја од овие бројки е посебен доказ за жртвата, храброста и херојството покажани во одбрана на татковината, знамето и националната волја“, нагласи турскиот претседател.
- „Го искоренивме ФЕТО во сите сфери“ -
Претседателот Ердоган, нагласувајќи дека „во изминатите десет години без никакви отстапки ја продолживме нашата борба против крвавата терористичка организација ФЕТО, како во земјата, така и на меѓународната сцена“, рече:
„Бидејќи расчистувањето на оваа канцерогена клетка што се инфилтрираше во нашата држава и обезбедувањето сторителите да одговараат пред правдата беше наш најголем долг кон нашите шехиди што доброволно ги жртвуваа своите животи. Го искоренивме ФЕТО во сите сфери, од бирократијата до армијата, од правосудството до деловниот свет. Сепак, корисно е уште еднаш да се потсетиме на оваа едноставна вистина што никогаш не смееме да ја заборавиме: ова не е борба што започна и заврши пред десет години. Единствен начин да се спречат ФЕТО и другите слични подмолни структури повторно да се инфилтрираат во нашата држава и народ е духот на 15 јули секогаш да остане жив и оваа свест да им се пренесе и на идните генерации.“
- „Најголема сила на овој народ се неговото единство и заедништво“ -
Нагласувајќи дека и по десет години од предавничкиот обид за државен удар болката сѐ уште е свежа како првиот ден, Ердоган продолжи:
„Сепак, продолжуваме со иста решителност и истрајност да ја водиме нашата борба против ФЕТО и сите други слични терористички структури. На 10-годишнината од 15 јули, денес постои многу посилна, многу порешителна и цврсто обединета Турција. Сѐ додека духот на 15 јули остане жив на овие простори, никој да не се сомнева дека подмолните планови на предавниците и валканите игри на глобалните сценаристи што стојат зад нив никогаш нема да најдат поддршка.
По тој повод, молам Алах да им подари милост на сите наши шехиди што, ставајќи ги своите гради како штит во таа мрачна ноќ, ја претворија во светлина и по цена на својот живот повторно ни ја направија татковина оваа земја, наследство од нашите предци, со која владееме со векови. На нашите ветерани им посакувам долг, благословен и исполнет живот.
Господару, не дозволувај нашиот благороден народ, чија историја е испреплетена со славни победи, никогаш повеќе да доживее предавство слично на 15 јули. Најголема сила на овој народ се неговото единство, неговото заедништво и древното братство создавано илјада години низ радости и таги. Нека Алах засекогаш ги зачува нашето единство, нашето заедништво и нашето братство.“
Фракција на турската војска поврзана со терористичката организација ФЕТО се обиде да ја преземе власта на 15 јули 2016 година, користејќи тенкови, борбени авиони и хеликоптери против цивили и државни институции. Во обидот загинаа 253 лица, а илјадници беа повредени.