АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган истакна дека Анкара, доколку е потребно, може да затвори две бази во Турција каде што се стационирани американски војници, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Кога ќе биде потребно, ќе разговараме со сите наши делегации и доколку е потребно, може да ги затвориме Инџирлик [воздушната база во јужната област Адана] и Куреџик [радарската станица во источната област Малатја]“, изјави Ердоган во телевизиско интервју.
Осврнувајќи се на резолуцијата усвоена во американскиот Сенат за ерменските тврдења за настаните од 1915 година, Ердоган рече дека резолуцијата е целосно политичка, додавајќи: „За двете страни е многу важно САД да не преземаат непоправливи чекори во нашите односи.“
„Жалиме што поларизацијата во американската домашна политика има негативни последици за нас, и дека некои групи ги злоупотребуваат случувањата поврзани со нашата земја за свои интереси со цел да го ослабнат [претседателот Доналд] Трамп“, додаде Ердоган.
Во четвртокот, американскиот Сенат едногласно усвои резолуција со која се признаваат ерменските наводи за настаните од 1915 година.
Ставот на Турција за настаните од 1915 година е дека смртта на Ерменците во источна Анадолија се случила откако некои од нив застанале на страната на Русите и дигнале бунт против османлиските сили. Последователното преселување на Ерменците резултирало со бројни жртви.
Турција се спротивставува на претставувањето на тие настани како геноцид, и ги опишува како трагедија во која и од двете страни паднале жртви.
Анкара повеќепати предлагаше формирање на заедничка комисија на историчари од Турција и Ерменија и меѓународни експерти за да се испита прашањето.
- Активности на дупчење во Источниот Медитеран -
Потенцирајќи дека во Источниот Медитеран има значителни резерви на јаглеводороди, Ердоган рече дека Турција може да работи во регионот со компании кои се силни на меѓународната сцена.
Истакнувајќи дека Договорот за безбедност и воена соработка со либиската Влада за национално единство, поддржана од ОН, ќе стапи на сила по ратификувањето во турскиот Парламент, Ердоган нагласи дека со договорот ќе бидат заштитени правата и на Турција и на Либија, и дека Турција нема да дозволи преземање еднострани чекори.
„Ако либиската Влада побара воена поддршка, Турција ќе донесе своја одлука“, рече Ердоган, повторувајќи дека Турција е подготвена да обезбеди секаков вид поддршка за Либија.
„Можно е да преземеме потребни чекори во рамките на меѓународното право“, додаде тој.
На 7 ноември, Анкара и либиската Влада со седиште во Триполи постигнаа два посебни меморандуми за разбирање, еден за воена соработка и за поморските граници на државите во Источниот Медитеран.
Претходниот меморандум за поморските граници ги утврдуваше правата на Турција во Источниот Медитеран во услови на еднострано дупчење од страна на администрацијата на кипарските Грци, појаснувајќи дека Турската Република Северен Кипар исто така има права на ресурсите во подрачјето. Тој стапи на сила на 8 декември.
Турција континуирано апелираше против дупчењето од страна на администрацијата на кипарските Грци во Источниот Медитеран, тврдејќи дека Турската Република Северен Кипар исто така има права на ресурсите во тоа подрачје.
- Антитерористичките операции на Турција во северна Сирија -
Турскиот претседател истакна дека целта на Турција со антитерористичката операција во северна Сирија е да се одржи мирот за Сиријците, а не да се одземе нивната нафтата.
„Ниту САД ниту Русија не можеа да ги отстранат терористите на ЈПГ/ПКК оттаму [од северна Сирија] како што ветија. Значи, тоа мора да го сториме ние“, додаде Ердоган.
Тој истакна дека борбата против терористите на ПКК треба да се спроведе заеднички, како против терористите на ДЕАШ.
За време на интервјуто, Ердоган ќе рече дека утре телефонски ќе разговара со германската канцеларка Ангела Меркел.
На 9 октомври, Турција ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите од северниот дел на Сирија, источно од реката Еуфрат, со цел да се обезбедат границите на Турција, да се помогне во безбедното враќање на сириските бегалци и да се осигура територијалниот интегритет на Сирија.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, којашто се наоѓа на листата терористички организации на Турција, САД и Европската Унија, е одговорна за смртта на 40.000 луѓе, меѓу кои деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.
news_share_descriptionsubscription_contact
