Ekipa
11 Јуни 2018•Ажурирај: 12 Јуни 2018
НИГДЕ (АА) - Турција започна антитерористички операции во регионите Кандил и Синџар во северен Ирак, истакна денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање пред локалните жители во централната турска област Нигде, Ердоган рече: „Почнавме антитерористички операции во Кандил и Синџар. Уништивме 14 важни цели со наши 20 авиони.“
„Тие [воените авиони] гаѓаа и се вратија, но сè уште не завршија. Ќе продолжат“, додаде тој.
Осврнувајќи се на подрачјето на Кандил, тој рече: „Наша цел е да го исцедиме најголемото мочуриште“, додавајќи дека Кандил повеќе нема да претставува закана и извор на тероризам за Турција и турската нација.
Во последниве денови турските власти соопштија дека подрачјето на планината Кандил во северен Ирак, во близина на иранската граница, каде што e седиштето на терористичката организација, може да биде цел на идна операција.
Воздушните напади врз цели на ПКК во северен Ирак, на планината Кандил, каде што е главната база на терористичката организација, редовно се спроведуваат од јули 2015 година, кога терористичката ПКК ја продолжи својата вооружена кампања.
ПКК се наоѓа на листата терористички организации во Турција, како и САД и ЕУ. Во својата терористичка кампања против Турција, која трае повеќе од три децении, убиени се повеќе од 40.000 луѓе, вклучително и жени и деца.
Истакнувајќи дека терористите ќе платат за убиените, Ердоган рече дека Турција досега неутрализирала над 4.500 терористи за време на операцијата „Маслинова гранка“ во подрачјето на сириски Африн.
„Ќе го исцедиме терористичкото мочуриште на Кандил исто како што ги расчистивме Африн, Џарабулус, Ал Баб и Азаз од стадото убијци“, рече Ердоган во врска со операциите „Маслинова гранка“ и „Штитот на Еуфрат“.
Операцијата „Штитот на Еуфрат“, која започна во август 2016 година и заврши во март 2017 година, имаше за цел да ја елиминира терористичката закана долж турската граница.
На 20-ти јануари Турција ја започна операцијата „Маслинова гранка“ за расчистување на терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ од подрачјето на Африн, северозападна Сирија.
На 18 март, 58-от ден од операцијата, Турските сили и припадниците на Слободната сириска војска го ослободија градот Африн.