Arife Yıldız Ünal
14 Ноември 2016•Ажурирај: 15 Ноември 2016
АНКАРА (АА) - АРИФЕ ЈИЛДИЗ УНАЛ - Ахмет Арслан, кој за време на поставувањето на темелите на тунелот „Евроазија“ во 2011 година, во Истанбул, беше генерален директор на претпријатието за изградба на железници, пристаништа и аеродроми, овојпат, на свеченото отворање на тунелот, на 20 декември ќе учествува како министер за транспорт, поморство и комуникации, јавува Anadolu Agency (AA).
На 20 декември, во употреба ќе биде пуштен тунелот „Евроазија“, кој ги соединува двата краја на Мраморното Море. Овој проект којшто под морето ги соединува двата континента, ќе овозможи да се скрати времетраењето на патот на линијата Казличешме – Ѓозтепе, од 100 на 15 минути.
Како генерален директор, министерот Арслан одигра голема улога во тендерскиот период на проектот, чии темели беа поставени на 26 февруари 2011 година. На 20 декември, на свеченото отворање на проектот што беше завршен за кусо време, овојпат Ахмет Арслан ќе учествува како министер.
- Непрекинато патување и во случај на лоши временски услови -
За овој проект, реализиран според моделот „изработи-управувај-трасферирај“, потрошени се 1 милијарда 245 милиони долари. Според проектот, се очекува овој двокатен тунел дневно да го поминуваат околу 100.000 возила. На секој кат се патува само во еден правец, и ќе биде овозможено непрекинато патување до соседниот континент при секакви временски услови.
Тунелот ќе овозможи безбедна и брза сообраќајна комуникација на историските западни делови од полуостровот Зејтинбурну и Бакирќој со Усќудар и Кадиќој од азискиот дел, а ќе можат да го користат само лесни патнички возила. Во тунелот нема да им биде дозволен пристап на товарни возила, мотори и пешаци.
- По 24 години, тунелот ќе ѝ биде отстапен на државата -
Најважната фаза во изградбата на заливскиот тунел „Евроазија“, со должина од 3.344 метри, беше завршена минатата година. Во рамките на проектот, од европската страна на тунелот, покрај крајбрежјето е изграден пристапен пат во должина 5,4 километри, при што патот до Казличешме е проширен од 6 на 8 ленти, а околу 1,5 километри од патот се под земја. Од азиска страна, до Ѓозтепе беше изработен патот Д-100 и пристапните раскрсници во должина од 3,8 километри. Постоечкиот пат е проширен на 8 ленти. Проектот за чија изработка првенствено беа одредени 55 месеци, заврши 8 месеци порано, т.е. за 47 месеци.
Фирмата којашто ги изведе дизајнот и изградбата на овој проект, ќе има право да управува со тунелот 24 години и 5 месеци. По завршувањето на овој период, тунелот „Евроазија“ ќе ѝ биде предаден на државата.
Тунелот „Евроазија“ во Истанбул, кој беше претставен како еден од најпрестижните проекти на Турција, минатата година беше награден со признанието „Голем проект на годината“, од страна на Меѓународната унија за тунели и подземно градежништво, која е најзначајна унија во светот во оваа сфера.