Vakkas Doğantekin,Filiz Kınık
05 Мај 2019•Ажурирај: 06 Мај 2019
ИСТАНБУЛ (AA) – Во рамките на истрагата за нерегуларности за изборите за градоначалник на Истанбул во текот на локалните избори одржани на 31 март во Турција, откриено е дека членови на избирачките тела биле лица поврзани со терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Врз база на пријави за нерегуларности во текот на броењето на гласачките ливчиња и внесувањето податоци во базата, Обвинителството во Истанбул спроведува истрага за лицата кои работеле во комисиите на избирачките места.
Неименуван извор соопшти дека досега е откриено дека најмалку 43 члена на избирачките тела имале поврзаност со терористичката организација ФЕТО.
Најмалку двајца членови на избирачките одбори биле корисници на „Бајлок“ (ByLock), тајната апликација која терористите на ФЕТО ја користеле за комуникација, а 41 член на избирачките одбори по наредба на водачот на ФЕТО, Фетула Ѓулен, уплатувал пари на сметка во банката „Асја“.
Меѓу тие 41 лице се двајца членови на синдикатот и еден вработен во субјект поврзан со ФЕТО.
Во Турција на 31 март се одржаа локални избори, а кандидатот на опозициската Републиканска народна партија (CHP), Екрем Имамоглу, како победник ја презеде функцијата градоначалник на Истанбул. Меѓутоа, по жалбите на владејачката Партија на правдата и развојот (АK Parti), во тек е истрага за нерегуларности во текот на изборната трка за таа функција.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција во ноќта на 15 јули 2016 година.
Се работи за терористичката организација која ја предводи Фетула Ѓулен, кој живее во САД, а чие испорачување Турција официјално го побара од САД.
Членовите на таа терористичка организација со години, преку местење на испити напредувале во службите, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО, во правосудството на Турција, преку наместен процес, поради наводна корупција се обиделе да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и крвавиот обид на терористите на ФЕТО кога на 15 јули офицери во турската војска, приврзаници на таа терористичка организација започнаа пуч.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја земја во која е активна, а на тоа во повеќе наврати укажаа турски функционери. Во текот на обидот за пуч во Турција загинаа 251, а ранети се околу 2.200 лица.