Fahri Aksüt
28 Ноември 2019•Ажурирај: 29 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Портпаролот на турското Претседателство, Ибрахим Калин, изјави дека Турција е силна членка на НАТО со својата втора по големина Армија, и дека сака да влезе во Европската Унија (ЕУ) како полноправна членка, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Сојузниците мора сериозно да ги сфатат заканите против националната безбедност на Турција и да работат заедно за да ги надминат“, изјави Калин на програмата во Берлин организирана од Форумот за надворешна политика во Берлин и Фондацијата „Корбер“.
Калин, исто така, ја нагласи посветеноста на Турција во борбата против тероризмот.
„Ние не сакаме да видиме каков било терористички елемент како презема парче земја, владее над народот во Сирија, без разлика да се работи за ПКК, ДЕАШ, Ал Каеда или која било друга терористичка организација“, изјави тој.
Турските сили на 9 октомври ја започнаа операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите на ЈПГ/ПКК во северна Сирија, источно од реката Еуфрат, со цел обезбедување на турската граница и формирање безбедносна зона за доброволно враќање на сириските бегалци во тоа подрачје.
Турција и Русија на 22 октомври во Сочи постигнаа договор за привремено прекинување на турската операција, со цел повлекување на терористите на ЈПГ/ПКК од пограничниот појас на Сирија. Договорено е турските и руските сили заеднички да патролираат во тоа подрачје, а првата ваква копнена патрола беше реализирана на 1 ноември на подрачјето помеѓу Рас ал Ајн и Камишли.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.