Muhammet Emin Avundukluoğlu
13 Октомври 2020•Ажурирај: 13 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Претседателот на Републиканската народна партија (ЏХП), Кемал Киличдароглу, денес изјави дека Ерменија извршила тероризам и злосторство врз човештвото во окупираниот регион Нагорно Карабах, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ерменија треба да се повлече од азербејџанските територии за да спречи понатамошно крвопролевање“, изјави Киличдароглу пред парламентарната група на неговата партија.
Тој изјави дека Ерменија ги нападнала цивилите во Азербејџан, прекршувајќи го привремениот прекин на огнот што беше прогласен од двете страни за размена на затвореници и за извлекување на телата.
„Ова е злосторство против човештвото, ова е тероризам“, нагласи Киличдароглу.
Тој изјави дека нападите на Ерменија врз цивилите не можат да бидат прифатени од никого.
Ерменските сили извршија ракетен напад врз вториот по големина азербејџански град, Ганџа, околу 2.00 часот по полноќ по локално време во неделата и покрај тоа што регионот е надвор од зоната на фронтот - кршејќи го примирјето меѓу двете страни и оставајќи најмалку 35 ранети цивили, вклучително и жени и деца.
Хуманитарното примирје беше прогласено во саботата за размена на затвореници и за извлекување на телата од војниците на двете страни во Нагорно Карабах, меѓународно призната територија на Азербејџан.
Прекинот на огнот беше прогласен по трилатералниот состанок одржан во Москва во петокот меѓу министрите за надворешни работи на Русија, Азербејџан и Ерменија.
„Ние сме подготвени да дадеме каков било придонес во решавањето на прашањето“, рече Киличдароглу. „Зошто Турција не седи на оваа [преговарачка] маса?“, запраша тој.
Новите судири започнаа на 27 септември кога ерменските сили ги нападнаа цивилните азербејџански населби и воените позиции во регионот, што доведе до жртви.
Многу светски сили, вклучувајќи ги Русија, Франција и САД, повикаа на нов прекин на огнот. Во меѓувреме, Турција го поддржа правото на Баку за самоодбрана и побара повлекување на окупаторските сили на Ерменија.