Merve Gül Aydoğan Ağlarcı
19 Март 2021•Ажурирај: 20 Март 2021
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, денеска во Истанбул се состана со иранскиот колега Џавад Зариф, јавува Агенција Анадолија (АА).
Неименуван дипломатски извор соопшти дека состанокот на шефовите на турската и иранската дипломатија, Чавушоглу и Зариф, е организиран во Кабинетот во комплексот „Долмабахче“, а дека на него присуствувал и шефот на Националната разузнавачка служба на Турција (MIT), Хакан Фидан.
Чавушоглу и Зариф разговараа за низа билатерални и регионални теми, со акцент на ситуацијата во Сирија и Авганистан и регионалната борба против тероризмот.
„Со колегата Зариф го повторивме консензусот за продолжување на силната соработка во борбата против тероризмот, почнувајќи од терористичката организација ПКК/ЈПГ, како и за прашањето за зачувување на територијалната целост на Сирија. Ги разгледавме чекорите за унапредување на економската соработка. Нека ни е среќен Невруз“, напиша Чавушоглу на Твитер.
Паралелно со тоа, шефот на турската дипломатија денеска телефонски разговараше и со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи.
Неименуван дипломатски извор јави дека Чавушоглу и Османи разговарале за билатералните односи меѓу Турција и Северна Македонија.
Чавушоглу денеска телефонски разговараше и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Разговорот е одржан во пресрет на претстојниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, а главна тема на разговорите беше ситуацијата во Либија.