Ekipa
07 Мај 2017•Ажурирај: 08 Мај 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, најави основање на механизам за пружање помош на верниците на кои тоа им е потребно, а кои од сите делови на светот доаѓаат во Мека и во Медина на аџилак, јавува Anadolu Agency (AA).
Движењето за човештвото и цивилизацијата во Истанбул организираше семинар под наслов „Во светло на светото наследство”, а на учесниците синоќа им се обрати турскиот претседател Ердоган кој во таа пригода истакна дека тој собир е организиран по повод пет века од доаѓањето на Светото наследство (Mukaddes Emanetler) во Турција.
„Mukaddes emanetler“ е свето наследство, односно предмети и нешта кои му припаѓале на божјиот пратеник Мухамед и неговите пријатели, а кои по освојувањето на Египет во 1517 година во Турција ги донесе Јавуз Султан Селим, и кои и денес се чуваат во посебни простории во музејот „Topkapi Saray“ во Истанбул.
„Голема е честа на нашиот народ за чувањето на светото наследство. Искрено, мислам дека ниту еден друг народ тоа подобро и почесно не би го правел од нас”, изјави Ердоган и додаде дека шествековната традиција на испраќање помош на сиромашните аџии на аџилакот од Истанбул, се најдобар показател на срдечноста и великодушноста на турскиот народ.
Потсетувајќи дека таа османлиска практика на испраќање помош под називот "surre alaylari" е прекината во 1924 година, Ердоган истакна дека таа практика треба да се обнови.
„Сметам дека мораме да размислиме и да ја обновиме таа убава традиција. Со учеството на целиот народ можеме да основаме фонд и механизам со кои за време на трите одбрани месеци ќе ја доставиме потребната помош на сиромашните верници кои од сите краеви на светот доаѓаат во Мека и во Медина”, изјави Ердоган.
Осврнувајќи се и на актуелните кризи и судири во регионот, Ердоган нагласи дека честите војни во муслиманските земји покажуваат дека муслиманите не придаваат доволно значење на вредностите чиј симбил е светото наследство на (божјиот) Пратеник (Мухамед) и неговите пријатели.
Укажувајќи на судирите во Ирак и во Сирија, турскиот претседател изјави дека срцето на секој искрен верник се кине поради тоа, и додаде дека Турција и нејзиниот народ прават сѐ за да се спречи крвопролевањето во тој регион.
„Свесни сме и знаеме дека во тој регион се играат игри со кои сака да се загрози нашето единство и братство, но морам да кажам дека за жал е срцепарателно и тоа што факт е дека во овој регион постојат такви кои сакаат разни поделби и го рушат единството и братството на народот. Сакам во оваа пригода да нагласам дека поминуваме низ период кога јакнењето на нашето братство и пријателство е попотребно од било кога претходно”, порача Ердоган.
Ердоган исто така изјави дека стабилната и просперитетна борба на Турција и понатаму е водич за стабилноста на целиот исламски свет и дека Турција станала извор на надеж за секој загрозен човек во целиот свет.
„Всушност не постојат проблеми на ниво на народите, туку на други нивоа. Затоа, голема ни е одговорноста и во тој контекст, и како народ и како држава имаме одговорност да ја спроведуваме мисијата на праведност и во регионот и во светот”, заклучи Ердоган.
Челникот на Врховниот советодавен одбор на Движењето за човештвото и цивилизацијата, Мехмет Ѓунеј, му врачи симболичен подарок на турскиот претседател Ердоган, кој потоа ја посети и изложбата којашто е отворена во рамките на симпозиумот во Истанбул.