Göksel Yıldırım
22 Ноември 2019•Ажурирај: 22 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Претседателот на Управата за одбранбена индустрија при Уредот на претседателот на Република Турција, Исмаил Демир, најави дека на турските поморски сили кон крајот на наредната годна ќе им биде испорачан најголемиот турски воен брод „ТЦГ Анадолу“ (TCG Anadolu), јавува Anadolu Agency (AA).
Демир го посети бродоградилиштето во истанбулското пристаниште „Тузла“, во кое се во тек завршните работи на изградбата на турскиот повеќенаменски амфибиски јуришен брод.
Тој во таа прилика нагласи дека „ТЦГ Анадолу“ ќе биде гордост на цела Турција.
„Сè оди според планот кога станува збор за изградбата на бродот, кој во јавноста често го нарекуваат брод-авион. Преземени се додатни напори за испораката на бродот да биде реализирана речиси една година порано од првобитниот план. Кон крајот на наредната година ќе ѝ го предадеме бродот на користење на морнарицата“, изјави Демир.
Истакнувајќи дека делегацијата за време на посетата на бродоградилиштето ги посетила и другите погони во кои се произведуваат производи на националната одбранбена индустрија, Демир изјави дека тој процес на јакнење на домашното производство ѝ дава на Турција посебно место на глобалната сцена.
„ТЦГ Анадолу“ е морски гигант кој за време на пловидбата ќе носи авиони, хеликоптери, беспилотни летала и оклопни и други воени возила. Долг е 231, а широк 32 метри.