Zafer Fatih Beyaz
27 Декември 2017•Ажурирај: 28 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Најмалку 11.480 телефонски броеви во Турција, без одобрување на нивните корисници, биле пренасочени на апликацијата „ByLock“ (БајЛок), систем за комуникација кој е користен меѓу припадниците на терористичката организација ФЕТО, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Републичкото обвинителство во Анкара, во врска со истрагата против терористичката организација ФЕТО, наведено е дека во детална истрага е утврдено оти кај најмалку 11.480 корисници на телефонски броеви дошло до пренасочување на IP-адресите на апликацијата „ByLock“. Станува збор за телефонски броеви со многу слични карактеристики на параметрите за поврзување.
„Со оглед на тоа што телефонските броеви се пренасочувани на апликацијата 'ByLock' без одобрување на корисниците, правниот статус на наведените лица ќе биде повторно разгледан“, се наведува од обвинителството.
„ByLock“ (БајЛок) е систем за шифрирана комуникација што го користеа припадниците на терористичката организација ФЕТО, предводена од Фетула Ѓулен, одговорна за неуспешниот обид за државен удар во Турција на 15 јули минатата година. Преку овој канал за комуникација, раководството на ФЕТО на своите членови им испраќало наредби и инструкции за терористички активности, со што оваа организација го поткопува системот во државата.
ФЕТО со посредство на своите инфилтрирани терористи во редовите на турската војска, полиција и во други институции, во јули минатата година изврши обид за државен удар во Турција, во кој животот го загубија најмалку 250 лица.