ИСТАНБУЛ (AA) - Првата изложба на наградените фотографии од овогодишниот меѓународен натпревар „Istanbul Photo Awards“, кој Anadolu Agency (AA) го организира по третпат, вчера беше отворена во Центарот за култура и уметност „Топхане-и Амире“ во Истанбул.
Во организацијата на изложбата учествуваше и Академијата за уметност „Мимар Синан“ (МСГСУ), а на отворањето на изложбата имаше обраќање гувернерот на Истанбул, Васип Шахин, кој рече дека АА е една од најстарите агенции.
„На една ваква организација, која додека ја врши својата работа, додека се занимава со вести, на јавноста ѝ нуди и уметнички производи, ѝ прилега ваква задача. Тие го работат тоа како што треба. Нѐ запознаваат и со естетската страна на известувањето“, рече Шахин.
Генералниот директор на АА, Шенол Казанџи, потсети дека на натпреварувањето учествуваа 3.025 луѓе од повеќе од 100 земји, односно околу 25.000 фотографии, меѓу кои се избрани најдобрите поединечни и сериски во категориите вести, портрет, природа и околина.
Тој истакна дека жирито три дена работело на изборот на фотографиите и оти се избрани фотографиите на 22 репортери од 17 земји.
Казанџи му се заблагодари на домаќинот, Академијата за уметност „Мимар Синан“ и на спонзорите „Туркиш ерлајнс“ (THY) и Турската агенција за соработка и координација (ТИКА).
Според она што го соопшти, по Истанбул, изложбата ќе биде отворена во Анкара, Њујорк и во Москва.
Казанџи потсети дека за фотографија на годината е избрана „Бегство од ДЕАШ“, на авторот Фредерик Лафарк, која ја направил за списанието „Париз меч“ и му честиташе на наградениот автор.
Тој исто така потсети дека оние фотографии што претходно добиле награда на ова натпреварување, биле добитници и на престижната награда Пулицер.
„Веруваме дека, повторно, фотографијата што тука е прогласена за најдобра ќе ја добие наградата Пулицер“, рече Казанџи, кој посочи на сето она со што се соочуваат репортерите на теренот и нивниот начин на пренесување на чувствата на оние кои не се таму.
Алев Идрисоглу, заменик-ректор на Академијата за уметност „Мимар Синан“, се заблагодари на АА на заложбите во натпреварувањето на светско ниво.
Изложбата ќе биде отворена до 16. април.
Потсетуваме, во категоријата „Серија вести“, првата награда ја доби Арис Месинис, за серијата фотографии под наслов „Смрт во Медитеранот“, фотографирани за АФП.
Адам Прити ја доби првата награда во категоријата „Единечна фотографија во спорт“, со фотографијата насловена како „Под површината“, која е направена за „Гети имиџис“, додека пак, во категоријата „Серија фотографии во спорт“, првонаграден е Патрик Смит, со серијата фотографии направени за „Гети имиџис“.
Мери Гелман, со серијата фотографии на темата жени-жртви, ја доби првата награда во категоријата „Серија портрети“, додека пак, жирито не успеа да избере победник за категоријата „Единечен портрет“.
Кемал Џуфри со фотографијата насловена како „Хранење на сирачиња – орангутани“, ја доби првата награда во категоријата „Единечна фотографија за природа и животна средина“, а пак, Џони Милер со серијата фотографии коишто ги направи за „Мајлфото“, а под наслов „Голф-терен Папуа Севголум“ беше првонаграден во категоријата „Серија фотографии за природа и животна средина“.
Жирито му ја додели наградата „Млад фоторепортер“ на фоторепортерот Хосам Салем, кој живее во Газа и работи самостојно, за фотографијата со наслов „Тренинг на улица во Газа“.
По прогласувањето на резултатите од натпреварувањето на 24-25 март во Истанбул е одржана работилницата „Istanbul Photo Awards Workshop“, каде што светски познатите фоторепортери Јури Козирев и Стенли Грин имаа можност своето знаење да им го пренесат на љубителите на фотографијата. На работилницата учествуваа 16 лица, фоторепортерите на АА и студенти од Академијата за уметност „Мимар Синан“.
Откако заврши работилницата, на 26. март е одржано дружење насловено како „Istanbul Photo Awards Talks“ со Козирев и Грин.
news_share_descriptionsubscription_contact
