Enes Sansar
30 Август 2023•Ажурирај: 31 Август 2023
ЃУМУШХАНЕ (АА)
- Енес САНСАР
Пештерата Караџа со сталактитите, сталагмитите, столбовите и травертинските базени, сместена во местото Торул во турската област Ѓумушхане, стана едно од најпосакуваните места за локалните и странските туристи поради студениот воздух што го поседува, пишува Анадолу.
Температурата во внатрешноста на пештерата не се менува во текот на годината и се движи од 12 до 17 степени. Пештерата Караџа е богата со формации на сталактити и сталагмити, формирани по принципот капка по капка и се наоѓа на просторот на селото Џебели.

Пештерата, која е во центарот на вниманието со своите сталактити, сталагмити, столбови, базени со капка по капка, пештерски цвеќиња и травертински базени, воздух богат со кислород, го привлекува вниманието на посетителите благодарение и на боите и мотивите што ретко се среќаваат.
Пештерата е оддалечена 17 километри од центарот на градот и се наоѓа на надморска височина од 1.550 метри. Иако пештерата одамна ја посетува локалното население, како туристичка атракција е позната од 1996 година.
- „Оваа година отворивме нови пешачки патеки во должина од приближно 40 метри“
Управителот на Округот Торул, Орхан Ајаз, за Агенција Анадолу (AA) изјави дека сталактитите и сталагмитите во пештерата, која е стара околу 15 милиони години, продолжуваат да се формираат, при што на 12 години растат по еден сантиметар.
Информирајќи дека оваа година пештерата е отворена за посетители и дека од 1 мај ја посетиле приближно 150.000 луѓе, Ајаз рече: „Посетив многу места во Турција. Локалните и странските туристи дефинитивно треба да го додадат ова место на листата на места што треба да ги посетат. Гарантирам дека ќе уживаат“, рече тој.

Потсетувајќи дека минатата година, во период од април до декември, пештерата ја посетиле приближно 180.000 луѓе, Ајаз истакна: „Оваа година досега имавме речиси 150.000 гости. Во летната сезона доаѓаат голем број локални и странски туристи, главно, Арапи. Лете температурата е само 15 степени и посетителите уживаат во прошетките во свежа средина.“

Нагласувајќи дека добиле позитивен фидбек од посетителите што дошле во пештерата, Ајаз рече дека ги отстраниле недостатоците за да биде попријатна прошетката низ пештерата.
Тој информираше дека оваа година во пештерата е изградена челична платформа за пешачење во должина од 160 метри и додаде:
„На тој начин прошетките низ пештерата се покомфорни и попријатни. Оваа година ги завршивме пешачките патеки во пештерата, инвестиција од приближно 3 милиони лири. Се трудиме да отвориме нови патеки и нови делови. Всушност, оваа година отворивме нови пешачки патеки во должина од приближно 40 метри.“

- Свежината на пештерата го привлекува вниманието на посетителите
Халиме Јазиџи, од Бурса, изјави дека многу ѝ се допаѓа пештерата Караџа и додаде: „Внатре е многу свежо. Главно имам отежнато дишење, не можам да влезам во затворен простор. Кога влегов во пештерата немав нелагодност. Навистина пештерата е прекрасна, внатре е многу свежо.“