Gökhan Ergöçün
12 Мај 2019•Ажурирај: 13 Мај 2019
ИСТАНБУЛ (АА) - Проектот за интермодален карго терминал „Railport“ на турската логистичка компанија „Arkas Holding“ ќе биде отворен во 2020 година, соопшти претседателот на Одделот за пристанишни и терминални услуги на холдингот.
„Проектот, кој е развиван во период од над 10 години, е верзија на пристанишно место лоцирано на копно (dry port), и ќе служи и за камиони и за возови“, изјави Озгур Калелиоглу за Anadolu Agency.
Договорот за финансирање од 60 милиони долари е потпишан од „Arkas Holding“, Европската банка за обнова и развој (EBRD) и Индустриската и комерцијална банка на Кина (ICBC) во Турција за време на годишниот состанок на ЕБРД во главниот град на Босна и Херцеговина, Сараево, во четвртокот.
Проектот ќе биде делумно финансиран со заеми од 30 милиони долари од ЕБРД и од ИЦБЦ - Турција, поединечно.
Калелиоглу рече: „Договорот за финансирање на проектот, кој има инвестициска вредност од околу 80 милиони долари, ја покажа странската доверба во Турција.“
Германската логистичка компанија „Duisport“, која оперира со најголемиот интермодален карго терминал во светот, има околу една третина од уделот во „Railport““, рече Калелиоглу.
Тој нагласи дека проектот „Railport“ ќе биде дел од кинескиот „Еден појас и еден пат“, амбициозен проект за поврзување на Азија со Африка и Европа преку копнена и поморска мрежа, со цел зголемување на трговијата и стимулирање на економскиот раст.
„Railport“ ќе ја интегрира трговијата на Турција со азиската трговија“, рече Калелиоглу.
„Морскиот транспорт од Кина до Црното Море трае околу еден месец, но железницата е побрза“, рече Калелиоглу.
Проектот ќе биде реализиран на површина од речиси 400 метри квадратни во северозападната индустриска турска област Коџаели.
Калелиоглу рече дека „Railport“ ќе има капацитет за складирање 100.000 контејнери и 120.000 возила.
На церемонијата на потпишување во Сараево, Нандита Паршад, извршната директорка на ЕБРД за одржлива инфраструктура, истакна: „„Arkas Railport“ комбинира различни начини на транспорт на иновативен, ефикасен и еколошки начин.“
„Тоа покажува што може да се постигне со вклучување на приватниот сектор за подобра трговија и регионална интеграција, и ние сме многу среќни што го поддржуваме овој инфраструктурен проект во Турција“, додаде таа.
ЕБРД преку соопштение истакна дека проектот ќе биде од корист за трговијата меѓу земјите од Европа, Балканот и Централна Азија.
„„Arkas Holding“ планира да изгради сличен терминал во турската јужна медитеранска област Мерсин за сообраќај меѓу Северна Африка, Ирак, Иран и Турција.
Холдингот основан во 1902 година, има над 20 претставништва во странство и 7.000 вработени.
Од 2009 година, ЕБРД инвестираше речиси 11 милијарди евра во Турција - главна дестинација за финансирање на банката - со над 280 проекти.
ИЦБЦ Турција е првата кинеска банка која започна со работа во Турција со стекнување мнозински акции на една локална банка во мај 2015 година.