İzzet Taskiran,Kenan Irtak,Halis Akyıldız,Ali Ebubekir Tokcan,Hikmet Faruk Başer
05 Април 2019•Ажурирај: 06 Април 2019
ИСТАНБУЛ (AA) - Во три часот по полноќ по локално време во Истанбул започна премесувањето на опремата од истанбулскиот аеродром „Ататурк“ на „Аеродромот Истанбул“, чија прва етапа е отворена на 29 октомври, а се смета за еден од најголемите аеродроми во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Одделот за медиуми на „Туркиш ерлајнс“ (Turkish Airlines) претходно е наведено дека досега невидената постапка на преместување на опремата во глобалната авијација ќе трае 45 часа, односно дека ќе заврши до полноќ на 6 април. За да биде процесот успешно реализиран, аеродромите Ататурк и Истанбул од два часот по полноќ до 14 часот во сабота ќе бидат затворени за летови.
За време на „големата селидба“ од аеродромот „Ататурк“ на „Аеродромот Истанбул“ ќе бидат преместени материјали со тежина од 47.300 тони, а во процесот ќе бидат ангажирани повеќе од 1.800 вработени. Утоварот на опремата на аеродромот „Ататурк“ продолжува, а потоа преку автопатот на Северна Мармара се превезува до „Аеродромот Истанбул“.
Припадниците на турската полиција и жандармеријата презедоа високи безбедносни мерки за да се одвива без проблеми „големата селидба“. На патот помеѓу двата аеродроми формирани се неколку „бекап-станици“ заради поддршка во случај на расипувања во текот на селидбата.
Во текот на селидбата која ќе трае до полноќ на 6 април, планирано е најмалку 167 авиони на „Туркиш ерлајнс“ да преминат на „Аеродромот Истанбул“.
Последниот авион со патници кој ќе полета од аеродромот „Ататурк“ ќе биде кон Сингапур. Првиот лет по процесот на преместување ќе биде на релација Аеродром Истанбул - аеродром Есенбога во Анкара.
„Аеродромот Истанбул“ три часа по полноќ на 6 април ќе го носи кодот „IST“, наместо претходниот „ISL“. Аеродромот Ататурк кој отсега ќе служи за товарни и ВИП-летови ќе го носи кодот „ISL“.