Mehmet Yılmaz Güldaş
31 Мај 2021•Ажурирај: 01 Јуни 2021
АНКАРА (АА) - Селахадин Ѓулен, братучед на водачот на терористичката организација ФЕТО/ПДЈ, Фетула Ѓулен, е фатен во странство во операција на Националната разузнавачка агенција на Турција (МИТ), по што е доведен во Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите од безбедносни извори, Селахадин Ѓулен, кој е во сродство со многу луѓе во ФЕТО/ПДЈ, по налог на челникот на оваа терористичка организација претходно побегнал во странство со помош на луѓето од ФЕТО.
Потоа е распишан налог за апсење поради „членство во вооружена терористичка организација“.
Селахадин Ѓулен исто така е блиску поврзан со членовите на т.н. советодавен одбор и највисоко позиционираните официјални претставници на терористичката организација ФЕТО.
Тој е фатен во странство во операцијата на Националната разузнавачка агенција на Турција (МИТ), по што е доведен во Турција.
Терористичката организација ФЕТО е одговорна за крвавиот обид за пуч во Турција, ноќта на 15 јули 2016 година.
Станува збор за терористичка организација предводена од Фетула Ѓулен, кој живее во Соединетите Американски Држави (САД) и чија екстрадиција Турција официјално ја побара од САД.
Припадниците на терористичката организација, со години, преку местење на испитите напредуваа во службата, инфилтрирајќи се на тој начин во институциите на државата. Потоа, најпрвин во декември 2013 година, членовите на ФЕТО во правосудството на Турција со монтиран процес за наводна корупција се обидоа да процесуираат бројни високи функционери.
Неколку години подоцна следуваше и неуспешниот крвав обид за државен удар на терористите на ФЕТО, односно обидот за пуч, што го изведоа офицерите кои ФЕТО ги инфилтрираше во турската војска.
Истрагата во врска со терористичката организација ФЕТО покажа дека се работи за глобална мрежа, која не претставува опасност само за Турција, туку и за секоја друга земја во која е активна. На тоа во повеќе наврати укажуваа турските официјални претставници. Во текот на обидот за државен удар во Турција загинаа 251, а ранети беа околу 2.200 лица.