Övünç Kutlu
02 Јануари 2020•Ажурирај: 03 Јануари 2020
АНКАРА (АА) - Производството на злато во Турција го сруши рекордот во 2019 година, достигнувајќи го највисокото ниво во историјата на Република Турција, се вели во соопштението на турската Асоцијација на рудари на злато, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турција за првпат започна со производство на злато во 2001 година, кога производството изнесуваше 1,4 тони. Тоа ниво континуирано се искачуваше за да достигне ниво од 33,5 тони во 2013 година, кога во секторот за производство на злато во земјата работеа 7.500 лица
Производството на злато во Турција падна во периодот меѓу 2014 и 2017 година, но се искачи на 27,1 тон во 2018 година, и порасна за околу 40 отсто од таа година достигнувајќи 38 тони во 2019 година, според податоците на Асоцијацијата.
„Оваа година производството на злато се проценува дека ќе се искачи над 45 тони, со што ќе достигне ново рекордно високо ниво“, изјави претседателот на Асоцијацијата, Хасан Јуџел.
- Потенцијал од 6.500 тони -
Јуџел истакна дека во периодот од 2001 до 2019 година Турција произвела вкупно 338 тони злато, но врз основа на научни студии има потенцијални резерви од 6.500 тони, од кои досега се извадени 1.100 тони.
Во турскиот сектор за производсто на злато моментално работат околу 10.000 лица, но според Јуџел, домашното производство на злато може да понуди поголем придонес во економијата преку намалувањето на дефицитот на тековната сметка.
„Увозот на 140-160 тони злато секоја година создава дефицит од 7-8 милијарди долари. Турција може лесно да избрише 60 отсто од овој дефицит во следните неколку години, бидејќи има потенцијал, технологија и познавање“, додаде тој.
Јуџел нагласи дека Турција е една од првите земји во светот по купување злато по глава на жител.
Според податоците на турската Асоцијација на рудари на злато, Турција во 2018 година увезла 202 тони злато.