Hakan Ceyhan Aydoğan
23 Декември 2015•Ажурирај: 24 Декември 2015
МОСКВА (АА) - Водачот на Народната демократска партија (ХДП) Селахатин Демирташ, за време на посетата на главниот град на Русија, Москва, е пречекан од страна на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров. На овој состанок, Лавров ги информираше гостите од Турција дека "Русија е подготвена да ги поддржи курдските вооружени групи во Сирија", јавува Anadolu Agency (AA).
Пред билатералната средба Демирташ и Лавров дадоа изјави за медиумите. Демирташ, рече дека оваа посета се реализира во периодот кога помеѓу Турција и Русија се одвива една многу критична ситуација. Тој додаде дека придаваат големо значење на односите помеѓу двете земји.
Демирташ, рече дека тие се многу загрижени поради односите помеѓу Турција и Русија кои се влошени алудирајќи на рускиот воен авион кој го наруши турскиот воздушен простор.
"Ние кажавме дека односот на Владата (Турција), во оваа насока не е во ред. Може да се појават проблеми и кризи меѓу државите. Секогаш сме ги оставале дипломатските канали отворени за проблемите да се решаваат преку дијалог. Мислам дека отсега, кризата треба да се земе в раце со цел да не влијае и да ги оштети двете заедници. Проблемот треба да се реши во рамки во кои нема да им наштети на луѓето. Граѓаните кои живеат во Турција немаат одговорност за актуелната криза. Тоа е погрешна надворешна политика на Владата", рече Демиртас.
Рускиот министер Лавров, тврдејќи дека ХПД е политичка платформа која ги претставува сите етнички малцинства во Турција, рече дека ќе продолжи да ја поддржува оваа линија. Тој истакна дека односите меѓу Турција и Русија поминуваат низ тежок период и дека неговите ставови по ова прашање се покажани порано.
Лавров нагласи дека политиката кон Турција, по соборувањето на рускиот авион кој го наруши турскиот воздушен простор, не е насочена кон турскиот народ. "Нашето пријателство со турскиот народ има долга историја. Нашите односи во економската, културната, општествената област се многу интензивни. Се надевам дека нашето пријателство ќе продолжи и во иднина. Ние ќе ги задржиме топлите чувства на пријателство кон турскиот народ" , рече Лавров.
- Предлог за поддршка на групите во Сирија -
Лавров соопшти дека на средбата со Демирташ, исто така, ќе разговараат за актуелната состојба во Сирија.
"Многу добро знаеме дека постојат сириски и ирачки курди кои се борат против заканата од ДАЕШ. Тие заедно со војските на Ирак и Сирија се борат за своите домови и на правата да живеат во нивната земја. Се разбира, ова се нивните основни права. Како што христијаните, евреите и другите малцинства имаат право да живеат во нивните земји, исто така и тие го имаат ова право", рече тој.
Во продолжение Лавров рече дека "во борбата против тероризмот во Сирија по барање на владата на Сирија, Русија е подготвена да ги поддржи оние кои се борат против тероризмот на теренот".