Samet Doğan
28 Февруари 2017•Ажурирај: 01 Март 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Халед Хатиб, камерман на филмот „Бели шлемови“, кој на овогодишното доделување на Оскарите е прогласен за најдобар краткометражен документарен филм, не жали што не му било дозволено да отпатува на доделувањето и смета дека е важно да се укаже на ситуацијата во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Филмот зборува и за волонтерите кои ги спасуваат луѓето во војната во Сирија, наречени Бели шлемови.
Тој е роден и израснал во Алепо, каде што за време на војната правел фотографии и видеоснимки. Хатиб вели дека е дел од Цивилната заштита на Сирија од нејзиното основање, каде што работел како камерман, а повремено бил ангажиран и во акциите за спасување од страна на Белите шлемови.
Откако видел сѐ повеќе луѓе остануваа заробени под урнатините, тој одлучил да ја остави камерата на страна и да помага во акциите за спасување. Во разговорот за АА Хатиб додава дека снимал доколку ситуацијата е под контрола, а тогаш снимките ги споделувал на социјалните мрежи за на светот да му ги покаже маскрите што се случуваат во Сирија.
Тој вели дека му е драго што документарниот филм добил Оскар и дека не му е жал што не можел да отпатува на доделувањето.
„Добив покана за доделувањето, а потоа и виза за да отпатувам во Америка. На аеродромот ми рекоа дека пасошот не одговара за тој лет. Ми требаше нов документ од Конзулатот на САД за проблемот да биде решен, но веќе беше доцна. Сето тоа не е важно за мене. За мене беше важно да му ја пренесам на светот сутуацијата во Сирија“, изјави Хатиб.
Тој додава дека емотивно реагирал на доделувањето на Оскарите, кое го следел на телевизија.
„Очекуваме светот да го погледне овој документарен филм, да изврши притисок на меѓународната заедница за бомбардирањата да бидат спречени, да се вложи труд за да се спречи погибијата на цивилите“, изјави Хатиб.
Тој истакнува дека екипата е горда за добиениот Оскар, но дека е важно да се насочи вниманието кон Сирија.
„Белите шлемови ја поминаа обуката во Турција и искуствата стекнати таму ги пренесоа на волонтерите“, изјави Хатиб и додаде дека режисерот на филмот, Орландо фон Еинсиедел ја добил идејата за снимање пред неколку години.
Тој посочи дека неколкупати се состанале во Истанбул пред да започне соснимањето и дека во Алепо работеле во тешки услови.
Хатиб истакнува дека целта на филмот е да се укаже на работата на екипите за спасување и да се зборува за масакрите што се случуваат во Сирија.
„Сметам дека на светот му пренесовме каков живот живеат цивилите. Целиот свет виде дека Белите шлемови ги занемаруваат своите животи со цел да ги спасат цивилите. До денес спасија повеќе од 82.000 Сиријци. Исто така, загинаа 168 волонтери на цивилната заштита“, потсети Хатиб.