Kerem Kocalar,İsmail Şen,Halil Fidan,Mehmet Akif Parlak
26 Јануари 2020•Ажурирај: 28 Јануари 2020
ЕЛАЗИГ
Турскиот град Елазиг во петокот го погоди силен земјотрес во кој загинаа 35, а од под урнатините се спасени вкупно 45 лица.
Меѓу спасените се и Дурдане Ајдин и нејзиниот сопруг Зулкуф, кои од под урнатините во квартот Сурсуру во Елазиг ги извлекол студентот од Сирија, Махмуд ел Осман, којшто пред две години од Хама стигнал во Хатај во Турција, а кој пред три месеци се доселил во Елазиг поради студии.
Брачниот пар Ајдин веќе следниот ден по спасувањето, благодарејќи на екипата на Агенција Анадолија (АА), се сретна со храбриот сириски студент, а тој емотивен момент го забележаа и камерите.
„Ова дете нас нè спаси. Не можам да ги заборавам неговите очи. Тој помогна повторно да бидам заедно со сопругот“, раскажа Дурдане, додавајќи дека тој е нивен голем херој, не можејќи да ги задржи солзите кога Махмуд влегувал во куќата во која привремено се сместиле по земјотресот.

Двајцата во многу емотивна средба го прегрнаа студентот од Сирија, а Дурдане дознавајќи дека мајката на Махмуд е во Сирија, рече дека неа отсега може да ја смета за своја мајка.
„За ништо не се грижи. Мене можеш да ме сметаш за мајка и сестра. Ние никогаш нема да те оставиме“, рече со плачлив глас.
Опиша како изгледале тешките моменти под урнатините, кажувајќи дека таа и нејзиниот сопруг биле еден до друг и дека не верувале оти ќе бидат спасени.
„Кога видов некаква светлина која доаѓаше одозгора, подоцна дознавме дека тоа било светлото на телефонот на Махмуд, сопругот повика за помош. Махмуд првин го спаси мојот сопруг, а потоа и мене. Видов дека раката му е крвава, но мене ми говореше да внимавам на стаклото. Тој е нашиот херој. Откако сме спасени сопругот веднаш го прашав каде е она дете што нас нè спаси. Луѓето мислеле дека прашувам за моите деца, кои беа кај моите родители, а јас всушност прашував за Махмуд кој нè спаси“, раскажа Дурдане.

Нејзиниот сопруг Зулкуф рече дека Махмуд направил нешто што не би го направиле многумина - го жртвувал и сопствениот живот за да ги спаси, поради што вечно му се благодарни.
„Можеби ниту ние не би се труделе толку како што тоа го направи тој. Кога го видов светлото од телефонот на Махмуд, викав и барав помош. Тогаш некако знаев дека ќе бидеме спасени. Махмуд ги отстрани урнатините и ме извлече од под урнатините. Потоа се обиде да ја спаси мојата сопруга, но веднаш не успеа бидејќи ногата ѝ беше заглавена. Махмуд на крајот по три и пол часа успеа да ја спаси и неа, а подоцна продолжи да спасува и други“, рече Зулкуф.
Махмуд раскажа што всушност се случувало тој ден, поточно во петокот откако излегол да трча и во еден момент почувствувал силен земјотрес.
„Веднаш по потресот отидов до местото каде што беа срушените домови. Ги слушнав гласовите на луѓето. На едно место ги слушнав гласовите на жена и машко лице. Со раце се обидов да ги тргнам остатоците од урнатините. Првин од под урнатините го извлеков мажот, а потоа се обидов да ги отстранам деловите од урнатините кои беа врз жената. Со рацете некако ги тргнав големите делови кои паднаа врз жената, по што можеше да ги помести нозете. Подоцна успеав да ја извлечам на површина по што е префрлена во болница“, ги опиша сирискиот студент тие драматични моменти по земјотресот.

Во текот на акцијата за спасување на неколку места добил повреди на рацете.
„Овие рани не се големи. Не е ниту толку важно. Важно е тие да се спасени. По земјотресот го изгубив и мобилниот телефон и нема врска. Најважно ми е дека тие луѓе се спасени. Телефонот го користев како светло за време на спасувањето“, рече Махмуд, додавајќи уште еднаш дека е најважно што се спасени луѓето и што тие повторно се со своите деца.