Büşra Nur Çakmak
29 Април 2021•Ажурирај: 01 Мај 2021
АНКАРА
Претседателот на кипарските Турци, Ерсин Татар, денеска по завршувањето на неформалните преговори во Женева, изјави дека официјалните преговори за иднината на Кипар се бесмислени без признавање на суверена еднаквост на двете страни, јавува Агенција Анадолија (АА),
„За време на преговорите кои започнаа во вторникот, администрацијата на кипарските Грци инсистира на модел на федерација на островот и сугерира дека уставните промени се неприфатливи за Турска Република Северен Кипар“, изјави Татар на прес-конференцијата.
Заедно со министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, Татар нагласи дека кипарските Турци имаат своја држава и нема да прифатат статус на малцинство во федерацијата управувана од кипарските Грци. Тој рече дека пред да започнат официјалните преговори за решение, мора да се признае еднаков меѓународен статус и суверена еднаквост на двете страни.
Татар остро го критикуваше предлогот на лидерот на кипарските Грци, Никос Анастасијадес, да се отвори Меѓународниот аеродром „Ерџан‘ во близина на главниот град на ТРСК, Лефкоса и морското пристаниште Газимагуса за меѓународен сообраќај под надзор на Обединетите нации (ОН) и само по негово овластување.
„Ова е навреда за кипарските Турци“, рече Татар, нагласувајќи ги суверените права на ТРСК.
Претседателот Татар во вторникот претстави предлог од шест точки до ОН и предложи воспоставување соработка меѓу двете страни на островот, и двете да уживаат еднаков меѓународен статус.
Од своја страна, Чавушоглу рече дека водачот на кипарските Грци не е во можност да донесе нова визија за разговорите во Женева, туку дека ја повторувал постојната реторика.
Чавушоглу рече дека Турција ќе продолжи да го поддржува решението на две држави засновано на суверена еднаквост, одобрена од ТРСК, нагласувајќи дека тие нема да направат компромис за независноста, суверенитетот и еднаквоста на турски Кипар.
Кипар се наоѓа во децениската борба меѓу кипарските Грци и Турци, и покрај низата дипломатски напори на ОН за постигнување сеопфатно решение.
Во 1974 година, државниот удар на кипарските Грци, со цел анексија кон Грција, доведе до воена интервенција на Турција како гарант за заштита на кипарските Турци од прогонства и насилство.
Турската Република Северен Кипар е основана во 1983 година.
Администрацијата на кипарските Грци влезе во Европската Унија во 2004 година, истата година кога кипарските Грци го спречија планот на ОН за ставање крај на деценискиот спор.