Seda Sevencan,Serdar Dincel
12 Декември 2024•Ажурирај: 17 Декември 2024
АНКАРА (АА) - Туркије презема чекори против терористичките организации што се обидуваат да ја искористат безбедносната ситуација во соседна Сирија и во регионот воопшто, соопшти денес турското Министерство за национална одбрана, јавува Анадолу.
„Туркије презема превентивни, деструктивни мерки против терористичките организации што се обидуваат да остварат придобивки искористувајќи ја ситуацијата што ѝ се заканува на безбедноста на Сирија и на нашиот регион“, рече портпаролот на Министерството, Зеки Актурк, на неделната прес-конференција во главниот град Анкара.
За ситуацијата во Сирија по падот на режимот на Асад во неделата, решителноста и ставот на Туркије за борбата против терористичките организации остануваат јасни, додаде Актурк.
Башар ал Асад, кој 24 години беше лидер на Сирија, побегна во Русија откако антирежимските групи ја презедоа контролата врз Дамаск, ставајќи крај на владеењето на партијата Баас, која беше на власт од 1963 година.
Туркије одамна презема чекори за да го спречи дејствувањето на терористичките организации во Северна Сирија, во близина на турската граница, особено ДЕАШ и ПКК/ЈПГ.
Во својата 40-годишна терористичка кампања против Туркије, ПКК, која е ставена на листата на терористички организации од страна на Туркије, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), е одговорна за смртта на над 40.000 луѓе, меѓу кои деца, жени и постари лица.
ЈПГ е огранок на ПКК во Сирија, подрачје каде што организацијата се обиде да воспостави терористички коридор што претставува закана за Туркије по должината на нејзината граница.
Во последните години Туркије распореди војници и работеше со локалните сојузници, како што е опозициската Сириска национална армија, со цел да ја елиминира оваа закана и да го заштити локалното население од терористичко угнетување.