Faruk Zorlu
31 Октомври 2022•Ажурирај: 31 Октомври 2022
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за одбрана Хулуси Акар продолжува со преговорите и координацијата со своите соговорници за продолжување на извозот на жито преку Црното Море, соопшти денес турското Министерство за национална одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството се вели: „За да се реши проблемот и да се продолжат активностите на иницијативата за житото, кои досега беа успешно спроведени со координација, Хулуси Акар продолжува да преговара и координира со своите соговорници и со релевантните органи. "
Во саботата, Русија објави дека го суспендира своето учество во договорот за извоз на украинско жито, поради нападите врз нејзината Црноморска флота.
Турското Министерство соопшти: „Рускиот персонал кој работи во Заедничкиот координативен центар во Истанбул сé уште е во Центарот. Во текот на овој период нема да има испорака од Украина. Инспекцијата на бродовите со жито кои чекаат пред Истанбул се планира да продолжи денес и утре“.
„Страните се потсетуваат дека е важно да се продолжи со оваа иницијатива, која има позитивно влијание врз човештвото во светот и докажува дека сите кризи можат да се решат со добра волја и дијалог, како и со избегнување каква било провокација што негативно ќе влијае на продолжувањето на механизмот“, се додава во соопштението.
Се наведува дека до денес 9,3 милиони тони жито се безбедно испорачани од украинските пристаништа до земјите на кои им е потребно.
Туркије, ОН, Русија и Украина на 22 јули во Истанбул потпишаа договор за продолжување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, што беше прекинат по почетокот на руско-украинската војна во февруари. Во Истанбул е формиран Заеднички координативен центар со официјални претставници од трите земји и ОН за надгледување на испораките.