Handan Kazancı
25 Октомври 2020•Ажурирај: 28 Октомври 2020
АНКАРА (АА) - Портпаролот на турската владејачка АК Партија, Омер Челик, упати остри критики до холандскиот политичар од екстремната десница Герт Вилдерс за објавата на Твитер за навредливата карикатура за турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Неморален, нехуман и фашист...“, напиша Челик на Твитер како одговор на објавата, заедно со хаштагот #TerroristGeertWilders.
„Додека фашистите како Герт Вилдерс го напаѓаат нашиот претседател, нивната намера е да ја пролеваат крвта на угнетените во Сирија и Либија и да ја спроведат суровоста на Хитлер кон Евреите во Европа врз муслиманите“, нагласи Челик.
„Нашиот претседател нема да го дозволи овој фашизам“, додаде тој.
„Ќе се спротивставиме на овие фашисти. Оваа борба ќе ја започнеме во име на човештвото. Борбата на нашиот претседател е борба со непријателите на човештвото“, напиша во твитот портпаролот Челик.
Вилдерс, познат по неговите антиисламски ставови, е претседател на Партијата за слобода (ПВВ), а во септември беше прогласен за виновен за навреда на малцинска група за време на неговата предизборна кампања во 2014 година.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, исто така, го осуди расизмот во Европа.
„Кога вистината им се кажува в лице, расистите во Европа повторно се појавија. Се обидуваат да ги искористат исламофобијата и ксенофобијата. Дојде време да се запрат европските профитерски политичари со фашистички начин на размислување“, напиша Чавушоглу на Твитер.