Sarp Özer,Alper Atalay
25 Март 2021•Ажурирај: 26 Март 2021
АНКАРА (АА) - Министерот за одбрана на Република Турција, Хулуси Акар, соопшти дека одржал исклучително конструктивен телефонски разговор со рускиот колега Сергеј Шојгу, јавува Агенција Анадолија (АА).
Акар на новинарите во Големото народно собрание на Република Турција им изјави дека турските вооружени сили во рамките на претходно постигнатите договори, спроведуваат одредени активности во северниот дел на соседна Сирија.
„Во согласност со тие договори, се дејствува со цел спротивставените страни да ги почитуваат одредбите за прекин на огнот. Нашите храбри вооружени сили жестоко одговараат на сите вознемирувања и напади. Од 1. март досега имаше обиди за терористички напади. Наспроти тоа, во северниот дел на Сирија и Ирак неутрализирани се повеќе од 200 терористи“, рече Акар.
Потсетувајќи дека Турција и Русија постигнале договор за примирје во сириски Идлиб, Акар информираше дека денес имал конструктивен разговор со својот руски колега Шојгу.
„Разговаравме за сите прашања и за прекршувањата на договорите. Согласни сме дека е неопходно преземање на одредени заеднички мерки во тој контекс. Наша заедничка цел е прекинот на огнот да потрае и да се претвори во траен мир во регионот. Турција и понатаму посветено ќе работи на тоа“, нагласи турскиот министер Акар.