Aylin Dal,Abdullah Yasin Güler
22 Септември 2020•Ажурирај: 23 Септември 2020
АНКАРА (АА) - Потпретседателот на Република Турција, Фуат Октај, порача дека решавањето на кипарското прашање зависи од тоа дали Грција ќе се откаже од големата идеја за обединување на сите Грци во една држава и дали ќе се врати во реалноста, јавува Агенција Анадолија (АА).
Турскиот потпретседател за АА ја коментираше неодамнешната посета на грчката претседателка, Катерина Сакеларопулу, на Јужен Кипар и нејзините остри критики што во таа прилика ги упати кон Турција, која ја нарече и 'окупаторска'.
Потсетувајќи дека Сакеларопулу прво го посети и правеше воени претстави на островот Меис, кој од Атина е оддалечен 580 километри и цели два километри од Турција, а дека потоа го посети и Јужен Кипар, каде што ги омаловажуваат и ги кршат сите права на кипарските Турци, Октај изјави дека се невтемелени тврдењата на грчката претседателка за наводните притисоци на Турција, кога и самата јавно зборува за воспоставување на грчка власт и за исчезнување на Турците од Кипар.
Октај изјави дека би било корисно на претседателката Сакеларопулу да ѝ се дадат часови по историја со оглед на тоа што дава провокативни изјави кои мирисаат на лоша пропаганда и елементарно непознавање на историјата.
Истакнувајќи дека трите века на османлиската власт на Кипар биле најмирни години на тој остров, Октај изјави дека британскиот мандат на владењеето со тој остров е одбележан со постојани обиди за спојување на островот со Грција.
„Државата, која е основана со договорите од 1959-1960 година, ја сруши Грција заради своите расистички и фашистички идеи. Грција е таа која на сите начини го поддржа Никос Сампсон во неговиот обид за пуч од 1974 година и во неговиот расистички проглас за хеленска држава и план за исчезнување на Турците од Кипар“, изјави Октај.
Тој понатаму изјави дека Турција на Кипар никогаш не била окупатор, туку земја која ја спречувала окупацијата и анексијата на Кипар и која во 1974 година на повик на кипарските Турци и во согласност со договорите од Цирих и Лондон легитимно отишла и ги спасила кипарските Турци од истребување.
„Тоа што на Кипар нема вооружени судири е заслуга само на Турција. Турција досега ги поддржуваше сите обиди за решавање на кипарското прашање, но решение не е постигнато поради грчката страна, која ги одбиваше сите предлози. Грција сето ова време го саботираше процесот и работеше за зачувување на статус кво, односно нерешена ситуација“, изјави Октај.
Тој изјави дека е јасно дека Турција се залага за тоа кипарското прашање да се реши во согласност со меѓународното право и под покровителство на ОН, а на начин да се заштитат правата на двата кипарски народи, додека Грција секогаш исклучиво се залагаше за создавање држава на еден народ на штета на правата од Турците што беа протерани од тој остров.
„Во тој контекст се последните изјави на грчката претседателка, само провокации и смешни и залудни обиди за пропаганда. Турција и понатаму е на страната за решавање на кипарското прашање. Турција ќе ја поддржи иницијативата за мировните преговори, доколку другата страна биде подготвена на реално решение врз основа на воспоставување две суверени држави. Занемарувањето на правата на Турција и Турската Република Северен Кипар и постоењето на кипарските Турци служи само за јакнење на тензиите во регионот,“ нагласи Октај.
Потпретседателот на Турција, исто така, порача дека за Грција, Јужен Кипар и целиот регион би било корисно грчката претседателка да се откаже од реториката на поттикнување војна и да ја прифати реториката на помирување и мир.