Yıldız Aktaş
25 Ноември 2019•Ажурирај: 25 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, отпатува во Катар каде што ќе учествува на петтиот состанок на Високиот стратешки комитет меѓу Турција и Катар, јавува Агенција Анадолија (АА).
На аеродромот претседателот Ердоган го испратија потпретседателот на Турција, Фуат Октај, гувернерот Васип Шахин и градоначалникот на Анкара, Мансур Јаваш.
Дел од делегацијата што го придружува Ердоган се министерот за млади и спорт, Мехмет Мухарем Касапоглу, министерот за трезор и финансии, Берат Албајрак, министерот за национална одбрана, Хулуси Акар, министерот за индустрија и технологија, Мустафа Варанк, министерката за трговија, Рухсар Пекџан, шефот на Одделот за комуникации при турското Претседателство, Фахретин Алтун и шефот на Турската разузнавачка служба (МИТ), Хакан Фидан.
На средбите ќе се разговара за односите помеѓу Катар и Турција од сите аспекти, за натамошното продлабочување на соработката меѓу двете земји во сите области, а исто така ќе бидат разменети и мислења за регионалните и меѓународните прашања.
На денешните средби планирано е да се потпишат различни договори за зајакнување на соработката меѓу Турција и Катар. Во рамките на посетата предвидено е претседателот Ердоган да ја посети и Здружената команда на Турција - Катар.